На денешната владина седница е донесена одлука на Град Скопје да му се даде на трајно користење, топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, „Градски енергетски системи“ (ГЕС).
Како што информираат од Град Скопје, преку ова претпријатие ќе се спроведуваат мерки за намалување на аерозагадувањето во градот, кое е последица на затоплувањето на објектите, на среден рок преку развој и проширување на топлификационата мрежа, давање субвенции за приклучување, подобрување на енегетската ефикасност на објектите, намалување на потрошувачката на енергија преку регулација, како и изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас.
– ГЕС ќе овозможи обмислени градски енергетски политики, одговорен пристап кон енергетската ефикасност и рационален пристап во комбинирањето на топлификациската и гасоводната мрежа во градот. ГЕС ќе има изменет пристап кон корисниците во кој приоритет ќе има бројот на приклучени претплатници и ширењето на мрежата наспроти максимизирањето на профитот и рационализирањето на трошоците и инвестициите, како што е случај со сегашните дистрибутери на топлинска енергија – се наведува во соопштението на градските власти.
Во него се наведува дека целта на Градот е парното греење да биде достапно за сите, односно граѓаните да добиваат пониски сметки, да запре досегашниот бран на исклучување од системот, повторно да се вратат во мрежата корисниците што го напуштиле овој начин на затоплување поради превисоките сметки за парно, но секако да се привлечат во системот и нови корисници.
Градот тврди дека преку субвенционирање на потенцијалните нови корисници и вложување во енергетска ефикасност на објектите што треба се приклучат на топлификациониот систем директно ќе влијае и да се намали потребата од топлинска енергија за затоплување, а со тоа ќе се намали и трошокот за затоплување, односно корисниците ќе добиваат помали сметки за греење.