Во рамките од прославата на 100-годишниот јубилеј од првата независност на Летонија, Сенатот на Летонската христијанска академија и Советот за високо образование на Летонија, со благослов од архиепископот на Летонската православна црква, на 4. октомври 2018 година со свечена церемонија му беше доделена почесна докторска титула (Doctor Honoris Causa) на проф. Георги Гоце Дуртаноски за неговиот придонес во високото образование и афирмација на христијанските вредности во Летонија и на европскиот континент воопшто.
Почесната титула беше доделена во „салата со столбови“ во Историскиот музеј на градот Рига, објект ремек-дело на класицизмот и најстар музеј во Европа – комплекс кој го сочинуваат неколку згради напластени со архитектонски влијанија од 12. до 18. век. Академската заедница во Летонија го користи овој објект како престижна бина за церемонијални свечености од областа на науката.
Ректорот на Летонската христијанска академија, проф. Скаидрите Ана Гутмане го имаше воведниот збор на отворањето на церемонијата заедно со летонскиот министер за образование г. Јанис Ветра, а одлуката за доделување на почесната титула ја прочита проф. Ервин Бутчевич. Почесна реч за Дуртаноски имаше поранешната министерка за образование на Летонија академик Баиба Ривжа (исто така почесен доктор од Летонската христијанска академија), која го нагласи исклучителниот педагошки метод за пренесување на знаењето кое го практикува Дуртаноски и му подари лимитирано издание посветено на 100-годишнината од летонската независност, во кое авторство е инволвирана и самата.
Летонската православна црква беше претставувана од митрополитот Јован од Ришката епархија, лично испратен од архиепископот г.Александар кој поради болест не можеше да присуствува на свеченоста. Митрополитот Јован го прочита говорот на Неговото Вископреосвештенсто протоколарно планиран како негово излагање за настанот.
Летонската православна црква уште на самиот почеток даде благослов и силна мотивациска поддршка на катедрата за христијанска палеографија и краснопис кои беа иницирани и предводени од Гоце Дуртаноски во минатите 5 години.
Прочитани беа упатените честитки до Георги Гоце Дуртаноски од архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, директорот на Светската унија на калиграфи и музеј на калиграфијата од Москва, директорот на колеџот за странски јазици проф. Љубов Кисељова од универзитетот во Тарту (Естонија), вишиот специјалист од Летонската национална академија Викторија Москина, хрватската евро-парламентарка Маријана Петир и многу други.
Во поддршка на Дуртаноски колеги и пријатели допатуваа специјално за овој настан од Македонија, Германија, Холандија, САД и Франција.