ВАНДАЛИЗАМ ВРЗ СПОМЕНИЦИТЕ И БИСТИТЕ ОД НОБ
Бронзените бисти често „исчезнуваат“ од разни локации низ земјата, најчесто поради бакарот што се наоѓа во нивниот состав, а кој во некои од отпадите, незаконски и на диво, се откупува по цена од 240 денари за килограм. Постои ли организирана криминална мрежа што на овој начин го сквернави нашето славно историско минато
Бронзените бисти на борци од Народноослободителната борба (НОБ) станаа честа цел на крадците низ земјата, со што се наметна прашањето дали зад сето ова се крие добро разработен бизнис на трговија со скапоцени метали.
Последен ваков настан беше неодамнешната кражба на десетина бронзени бисти на борците од НОБ од Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел, што по брзата интервенција на полицијата дел биле вратени, а по дел се трага.
– Поголем дел од украдените бисти е вратен, а сторителите се фатени. Гробиштата во Бутел се распространети на површина од 90 хектари, станува збор за отворен простор, кој тешко може да се контролира целосно. Имено, навечер лесно може некој да ја прескокне жицата и да изврши кражба. Најважно од сè е дека поголем дел од украдените бисти е вратен, а сторителите се откриени и фатени од страна на полицијата – вели Ѓорѓи Матевски, директор на гробиштата „Бутел“.
Бронзените бисти и во минатото често „исчезнуваа“ од разни локации низ земјата, најчесто поради бакарот што се наоѓа во нивниот состав, а кој во некои од отпадите на диво се откупува по цена од 240 денари за килограм. Токму оваа цена е привлечна за арамиите, кои се дрзнуваат да ги крадат бистите, но и други предмети што содржат метали што се на цена.
Во согласност со Законот за управување со отпад, отпадите се под засилен инспекциски надзор и не смеат да откупуваат шахти, решетки и некои други метални предмети, за да се спречат масовни кражби, што беше одлика во минатите години, но проблем прават отпадите без лиценци, кои откупуваат вакви метали на диво.
– Постојат лиценци што мора да ги поседува секој отпад. Во согласност со Законот за управување со отпад, постои процедура при прием на материјали, така што бисти, шахти, решетки или слични работи не смеат да се откупуваат. Секако, постојат отпади што на диво ги откупуваат и на некој начин ја стимулираат оваа негативна појава во државата – вели раководител на еден отпад што посака да остане анонимен.
Реагираат и од Сојузот на борците, кои бараат од надлежните во државата да ги спречат оштетувањата и кражбите на бистите.
– Ако тие со нивната храброст, со својата младост загинаа во борбата и беа убиени од фашистичкиот окупатор, денешниве рушители се нови злосторници и тие треба да се прогласат за втори убијци. Сојузот на борците остро ги осудува нивните постапки, кои по содржина и метод се антидржавни, антинационални, нецивилизациски и фашистички, без сфаќање дека спомениците на настаните и личностите од НОБ се културно-историско наследство на Македонија – реагираат од Сојузот на борците.
Инаку, цените што се нудат по отпадите за металите се движат од седум денари за килограм железо, пет денари за лим, до 240 денари за бакар и 130 денари за месинг.
Последниот настан на гробиштата „Бутел“ е инцидент кој треба сериозно да се третира, бидејќи има многу подлабока рефлексија од „обична кражба“. Од АД „Бутел“ веќе се превземени координирани мерки заедно со надлежните институции. Сите се свесни дека ваквите кражби се удар на историското наследство на Македонија и македонскиот народ, кој беше дел од антифашистичката коалиција. Токму овие бисти се споменици и сведоци на колективната меморија за славното минато на македонскиот народ. Дали со вандализмот се сака токму ова да се избрише од колективната меморија.