Повеќе од 85 тони небезбедна храна уништиле инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и операторите за храна од јануари до март годинава.
Како што информираат од АХВ, најголемиот дел небезбедна храна, односно 68.541 килограми ги повлекле самите оператори согласно имплементираните ХАСАП планови, додека инспекторите за храна и официјалните ветеринари, како небезбедни уништиле 17.173 килограми храна.
– Од вкупно уништената небезбедна храна од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари во првиот квартал годинава, 277 килограми била храна од неживотинско, а остатокот од животинско потекло. Од почетокот на годинава до март инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 12.699 контроли и за утврдените недоследности (непочитување на препораките и мерките за справување со вирусот ковид-19, но и оштетувања на работните површини, несоодветна примена на ХАСАП процедурите и нередовно водење записи, неажурирани санитарни книшки на вработените, неусогласености во врска со хигиената во објектите, несоодветно означување на производите и оштетувања на разладните витрини…), изречени се 6 наредби за отстранување на недоследности, една мерка забрана и 3 мерки едукација на операторите – се наведува во соопштението.
За утврдените недоследности инспекторите донеле 851 решение за нивно отстранување, изрекле 13 парични казни за операторите со храна, спровеле 423 едукации и поднеле 5 прекршочни пријави.
Во првиот квартал од годинава нема ниту забранети ниту уништени небезбедни пратки од увоз. За извоз на храна од животинско потекло во првите три месеци од годинава издадени биле 566 сертификати, а за извоз на храна од неживотинско потекло 597 сертификати.
Почнувајќи од 16 март годинава, АХВ ги засили инспекциските контроли на целата територија во земјава согласно препораките на Комисијата за заразни болести и одлуките на Владата за преземање мерки за намалување на ризикот од ширење на коронавирусот.