Агресивноста, безобѕирноста и малограѓанштината како „реални вредности“
Првичните опсервации откриваат дека манифестацијата на „бентли-феномените“ е всушност малку подлабока општествена аномалија. Анализите ќе покажат дека демонстрациите на непочитување на прописите, правилата, процедурите и законите се вкоренија во нашиот систем како рефлексија на системската грешка на т.н. „правна“ држава. Имено, слабоста или нефункционалноста на институциите во сите сфери на власта од осамостојувањето (законодавна, извршна и судска) доведоа до тоа одредена група граѓани да го игнорираат постоењето на правила и закони и, во крајна линија, да го игнорираат и Уставот на државата. Со толеранцијата и нивното несанкционирање им се дава „пример“ на другите граѓани, со проекција дека всушност „анархичноста е рецепт на живеењето во Македонија“
Неодамнешниот инцидент со „бентлито“ на скопскиот плоштад и казната од 45 евра во ситуација кога сериозно беа загрозени животи на луѓе повторно го актуализира прашањето за казнената политика во сообраќајот и нејзината примена.
Имено, актуелната власт ги преполови паричните казни за сообраќајни прекршоци за да ги поштеди граѓаните од преголеми давачки, но од друга страна, тоа овозможи добро ситуирани лица со скапи автомобили вредни по неколку десетици, па и стотици илјади евра, да дивеат по патиштата, да ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот и да минуваат неказнето.
На социјалните мрежи изминатиот период се појавија неколку видеа на кои можеа да се забележат млади луѓе што со бесни автомобили возат по патиштата со брзини над 200 километри на час и минуваат неказнето или со симболична казна, иако на видеата во неколку наврати беа видливи и регистарските таблички на возилата, како и лицето што ги управуваат.
Она што се наметнува како дилема во јавноста е дали е потребна некаква промена во казнената политика при вакви сообраќајни прекршоци, но и колку државата ефикасно се справува со ваквите престапи, кои зачестуваат.
– Станува збор за манифестирање агресија, безобѕирност, неизживеаност, простотилак во инцидентот на плоштадот. Овој престап претставува кривично дело за кое е предвидена затворска казна од три години, па нагоре. Но тука има и сплет на дела и сукцесивно, според степенот на опасноста, сторителот треба да се казни – вели Борис Мургоски, професор на Факултетот за безбедност во Скопје.
Првичните опсервации откриваат дека манифестацијата на ваквите феномени е всушност малку подлабока општествена аномалија. Анализите ќе покажат дека демонстрациите на непочитување на прописите, правилата, процедурите и законите се вкоренија во нашиот систем како рефлексија на системската грешка на т.н. „правната“ држава. Имено, нефункционалните институции во сите сфери на власта од осамостојувањето (законодавна, извршна и судска) доведоа до тоа одредена група граѓани да го игнорираат постоењето на правила, закони и во крајна линија дури и да го игнорираат Уставот на државата. Со толеранцијата и нивното несанкционирање им се дава „пример“ на другите граѓани дека всушност „анархичноста е рецепт на живеењето“ во Македонија. Сообраќајните дивеења се само еден манифестациски облик и метафора на нашето општествено живеење.
Во таквиот контекст, професорот Мурговски истакнува дека токму овде нема небрежен деликт, туку напротив, дејството е направено со умисла, сензационализам или докажување на тоа нешто.
– Треба да се прават повеќе акциски контроли, за точно феноменолошки да се истражат делниците каде што најчесто настапуваат моторџиите и лицата со автомобили. Покрај тоа, полицијата мора и оперативно да спознава, да ги знае таквите типови луѓе и соодветно да реагира во смисла на привремено одземање на возилото. Со обвинителите да се зајакне казнената репресија, не само превенција и да се вклучат луѓе од струката што би работеле врз нова казнена политика – нагласува Мургоски.
Тој вели дека многу е важно Обвинителството, судот и МВР да дејствуваат координирано и на ваквите лица да им се одредува повисока казна.
– Секој мора соодветно да биде награден или санкциониран според делото што го направил, смислено или небрежно. Во ситуацијата со „бентлито“ можеби треба и законот да се смени бидејќи со вакви рецидивистички типови во разни области, безобѕирни, сензационалисти, агресивни, има многу елементи што можат да се проверат во целата ситуација. На пример, потекло на имот, кога и како го купил возилото, по која основа, дали му е подарок и слично. Има толку убави елементи и моменти ако се сака да се дијагностицира и да се излекува проблемот – појаснува Мургоски.
Според него, ова се движи кон ескалација на севкупните општествени состојби.
– Ова е ескалација, односно консеквенција поради несоодветни општествени реакции по сите димензии над таквите категории – заклучува Мургоски.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ смета дека треба да се зајакнат контролата и спроведувањето на постојните прописи.
– Она што постои во мигот како пропис треба да се спроведе максимално објективно коректно и кон сите. Не може на дел од луѓето да им се прогледа низ прсти, другиот дел да биде казнет, а третиот дел да се изживува, да се снима, да не се презема мерка и да нема кривично дело – вели Давидовиќ.
Тој додава дека во последно време е заострена казнената политика за сообраќајките каде што е управувано под дејство на алкохол и има смртни последици.
– Таму казните се пет, седум години итн. Треба да се зајакнат контролата и спроведувањето на постојните прописи – истакнува Давидовиќ.
Според него, кај голем дел од граѓаните не постои човечка, а не, пак, сообраќајна култура.
– Прво е прашање на култура. Ние немаме ниту човечка, а не, пак, сообраќајна култура. Факт е дека дел од сообраќајните прекршоци како возење по велосипедска патека, по тротоари, недозволено паркирање, воопшто не се санкционираат. Не е проблем казнената политика, таа можеби треба да се заостри ако има повеќе прекршоци, кривични дела од некоја област заради сузбивање и превентивно дејствување во таа област, но пред сè, потребно е почитување и спроведување на актуелните прописи – нагласува Давидовиќ.
Шилегов: Казнет е „тик ток фраерот“ што возеше по вело-патека
„Тик ток фраерот“ што возеше по вело-патеката на Осми септември е идентификуван и казнет од страна на МВР и казнет од Град Скопје, а возилото привремено му е одземено.
Тоа го соопшти градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, прексиноќа на Фејсбук, откога на фејсбук-страницата на здружението „На точак“ беше објавено видео од извесен Адриан, кој во најголем метеж на Партизанска и на Осми септември во Скопје вози на тротоарот на велосипедска патека. Тоа го снимил и го поставил на мрежата Тик-ток.
Според објавата на Шилегов, несовесниот возач добил вкупна казна од 70 евра.