Не можам да се помирам со тоа што се однесуваме како да сме украле нешто, па сега треба да го вратиме, мислам на името. Ќе победи, се разбира, посилниот и политичкиот прагматизам, но не треба да се потцени и силата на народот, без кој нема ни држава ни договорено име, велат некои од нашите соговорници
Веста за содржината на договорот за надминување на наметнатиот спор за името од страна на Грција како разорна бомба ја потресе домашната јавност. Реакциите и коментарите се различни, едни жестоки и жолчни, други умерени и попрагматични. Оваа главна политичка тема во Македонија отвори низа дилеми, особено околу толкувањето на компромисното решение Република Северна Македонија, за севкупна употреба, уставната ревизија, барањето за откажување од македонското малцинство итн. Во таа насока, во интерес на јавноста, „Нова Македонија“ побара мислење од истакнати јавни личности, писатели, аналитичари, професори, академици, како и од дел од нашите колумнисти, за можните предизвици, евентуалните опасности и последиците од еден ваков чекор. Во продолжение следуваат нивните ставови.
Ефтим Клетников – поет, книжевен и ликовен критичар
– Премиерот Зоран Заев, „премиер“ на ненародната влада, изврши геноцид врз македонскиот народ. Со тоа тој е во некоја смисла идентитетски убиец на сопствениот народ, кој ќе го прозива до кога постои. Овој геноцид не е само геноцид против својот народ, тоа е геноцид врз целото човештво. Кога-тогаш народот ќе му пресуди. Со договорот со Грција го фрлија целиот македонски народ во неизлечлива депресија. Едноставно го докусури и го разболе народот по цената да влеземе во ЕУ и во НАТО. Повторувам, ова е идентитетско убиство, а сите антрополози се согласуваат во едно дека идентитетската смрт е најстрашната смрт на еден народ, од што нема повеќе станување и воскреснување. Заев не само што го уби својот народ, туку го стопи за една фашизоидна Европа и окупаторска организација како НАТО.
Со ваквиот чин тој се промовира како гробар на сопствениот народ и воопшто најголем злосторник во историјатот на македонскиот народ, кој впрочем веќе милениумски години постои. Гробар на сопствениот народ е премиерот Зоран Заев.
Венко Андоновски – универзитетски професор, писател, есеист и книжевен теоретичар
– Договорот е логична последица на сѐ што досега се случуваше. Мојот став не е променет. Мислам дека ова не е воопшто прашање за името, туку е прашање на честа. Ние се викавме Република Македонија и никому не му пречевме во Титова Југославија. Не можам да се помирам со тоа што се однесуваме како да сме украле нешто, па сега треба да го вратиме, мислам на името. Ќе победи, се разбира, посилниот и политичкиот прагматизам, но не треба да се потцени и силата на народот, без кој нема ни држава ни договорено име.
Проф. д-р Билјана Ванковска – универзитетска професорка и колумнистка
– Завчерашното обраќање на премиерот Заев беше само финалето на една најавена капитулација, вели професорката Ванковска. Таа смета дека оваа одлука на Владата дозволува мешање во внатрешните работи и одземање на народниот суверенитет со прифаќање на употреба на новото, како што вели таа, небулозно име на државата и за севкупна и за внатрешна комуникација и идентификација.
– Англиската верзија на предложеното име (Republic of North Macedonia) не значи Република Северна Македонија, туку Република на северот од Македонија. Да беше Северна Македонија ќе гласеше Republic of Northen Macedonia. Откажувањето од постоењето на македонското национално малцинство е посебна приказна. Она што сега ќе се обидуваат да ни го „продадат“ (да го употребам изразот на Фрчкоски) е нешто што веќе го имавме и што е стекнато право низ целокупната историја на борба за самоопределување на македонскиот народ. Јазикот ни е признаен во ООН уште од 70-тите години – Заев прифаќа фуснота, што е преседан во меѓународната практика, односно чекор назад. Истото е и за националноста Macedonian/citizens of the Republic of North Macedonia, на што ќе стои некаква „опашка“ дека немаме никаква врска со грчката цивилизација (небаре денешните Грци се директни потомци на Софокле и Платон!). Накусо, Пандорината кутија е отворена, единствен адут на Заев е надежта, која ќе ја продава како да е придобивка. Република Македонија ја чека умирање/гаснење на рати, освен ако граѓаните жестоко не се спротивстават на ваквата деструктивна политика на Владата, вели Ванковска. Професорката забележува и што целиот процес бил воден тајно без координација со опозицијата и со, како што вели, најдрско заобиколување на институцијата претседател на републиката. Според неа, фазите на имплементација покажуваат отворена намера да се прекрши Уставот, со некакви акробации со кои би му се одзела инхерентната надлежност на претседателот во врска со склучување ваков вид меѓународен договор. Тврди дека ратификацијата на договорот со просто мнозинство во парламентот во ситуација кога Македонија презема обврска за менување и на Уставот и на „личниот опис“ е во најмала рака скандалозно, а дека ветувањето дека граѓаните ќе го кажат својот збор на референдум е гола фраза, бидејќи ни самиот премиер не разликувал, како што вели, задолжителен од консултативен референдум.
Академик Таки Фити – претседател на МАНУ
– Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација, кажа неодамна претседателот на МАНУ, Таки Фити, на едно медиумско гостување. Притоа додаде дека доколку се прифати име за севкупна употреба, тогаш ниту МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите, туку ќе треба да се прекрсти како и други национални институции, како Народната банка на Република Македонија, АРМ, Друштвото на писателите на Македонија, Фудбалската федерација на Македонија… Тоа, според претседателот на МАНУ, е апсурдно!
Александар Русјаков – писател и сценарист
– Зошто е ова безумност? Па, зарем може да е нормално да се откажеш од сопственото име и идентитет, да го погребаш историското помнење на цел еден народ, само за да се напикаме во некакви унии и алијанси за кои поим немаме уште колку ќе опстанат? Таков чин не може да биде ништо друго освен безумност. Прашајте кого сакате и каде сакате, ама надвор од македонскава налудничава реалност. Претходните на власт ги слушавме како сами за себе велат дека се лудаци. Сегашниве толку се заслепени од блескањето на моќта што ги октроира што дури не ни забележуваат какво безумие шират. Но ова антимакедонско безумно дејствување на Заев си има свој пат. Нема да биде фер ако му го припишеме безумието само нему, смета Русјаков.
Оттука, во држава полна безумност за севкупна употреба, на изопачената светска моќ не ѝ е тешко да ја оствари својата цел, конечно укинување на Македонија и Македонците. Во името на коските на оние што ги жртвуваа своите животи за слободата на Македонија, срам да ни е, завршува Русјаков.
Сашо Клековски – аналитичар и колумнист
– Се чини дека доживувањето на овие закани (грчки барања за нови отстапки, внатрешни поделби), кои се закани за опстанокот на нацијата, се главен двигател во одбивањето договор со Грција. Стравот од нови грчки барања е заснован на искуството: Грција трипати досега (1991/1992; 1994/1095 и 2008 г.) користи трговски и политички блокади за да изврши притисок за промена на Уставот, знамето итн., како и фактот дека Грција ја прекршува Привремената спогодба и не ја почитува пресудата на Меѓународниот суд, вели Клековски.
Бидејќи јазикот, Уставот и државјанството се најбитни за идентитетот, дефинирањето на јазикот и националноста/државјанство како македонски/Macedonian, како и зачувување на кодовите за земјата (МК) и за јазикот, може да го намали чувството за закана по идентитетот.
Солза Грчева – поранешна пратеничка и претседателка на ГЛАС за Македонија
– Нѐ убедуваат дека Уставот бил само парче хартија без некоја важност. Па и изводот од матично, и посмртницата и венчаницата, и банкарските изводи се само хартија. Ајде поништете дека некој се родил, умрел, се оженил, му префрлиле пари и така редум. Конечно, и „Војна и мир“ на Толстој е само хартија. Не, тие се абдали што со своите писанија оставаат на хартија запис за своето безусловно вовлекување во задникот на власта, која и да е. Кутрите, не го читале големиот Марк Твен, кој дава прецизни упатства за морално однесување во вакви моменти, кога вели: „Сакајте ја татковината секогаш, а Владата само ако заслужи“. Професорката додава дека секоја сериозна влада што ќе води политика во рамките на правото, а не обратно, сѐ со леснотија ќе поништи, а македонските граѓани нема да дозволат да се уништи македонскиот народ и идентитет.