Спасе Глигоров, директор на Агенцијата за администрација
Главната улога на Агенцијата во системот на вработување е да биде гарант за законски и непристрасни постапки за вработување, односно одлучување по жалби и приговори на административните службеници
Актуелните процеси на преиспитување повеќе случаи на вработувања во јавната администрација, по сомневањата за непотизам и партиска интервенција, заземаат позиција на едно од горливите прашања, дури и со политички предзнак. Дали Агенцијата за администрација има некаква улога и надлежност во преиспитувањето на овие, на некој начин, „политички компромитирани“ вработувања во јавниот сектор?
– Во согласност со своите законски надлежности, Агенцијата за администрација, како самостоен државен орган, нема мандат да ги преиспитува вработувањата во јавниот сектор. Преиспитување на вработувања или надзор над примената на законските прописи за вработување во јавниот сектор имаат Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за труд. Меѓутоа, Агенцијата за администрација ја има улогата на гарант за законитоста, објективноста, транспарентноста и непристрасноста при спроведување на постапките за вработување административни службеници. Како за илустрација, напоменувам дека вработените со статус на административни службеници се околу 25 отсто од вкупниот број вработени во јавниот сектор. За вработувањата што ги посочувате во прашањето, а за кои се информиравме од медиумите, значи неофицијално, слободно можам да кажам дека голем број од посочените „спорни“ вработувања не се административни службеници. Односно се работи за вработувања на лица на определено време што не се стекнале со статус на административни службеници. За „спорните“ вработувања Агенцијата за администрација соработува со Државниот управен инспекторат, доставувајќи ги сите потребни докази од постапката за целосно и законско расчистување на сите сомнежи. Истовремено, ја искажуваме нашата целосна подготвеност за ефикасна соработка и со Државната комисија за спречување корупција, не само поради актуелните случувања во моментот туку на долг рок.
Всушност, какви надлежности има Агенцијата за администрација и од каде произлегуваат тие ингеренции?
– Надлежностите на Агенцијата за администрација произлегуваат од Законот за административните службеници, каде што конкретно е утврдено дека Агенцијата објавува огласи за вработување административни службеници, организира и спроведува постапки за селекција за вработување административни службеници, постапува по жалби и приговори на административните службеници во втор степен, го спроведува испитот за административен службеник и испитот за административно управување, води евиденција на кандидати што доставиле лажни докази во пријавата за вработување и врши други работи утврдени со закон. Од тие т.н. други работи, би го истакнал учеството со еден претставник во Комисијата за селекција во постапките за унапредување административни службеници преку интерен оглас. Исто така, Агенцијата може да спроведува и постапки за вработување други вработени во јавниот сектор што немаат статус на административни службеници, доколку тоа го побара институцијата што има потреба од спроведување постапка за вработување.
Во колкав степен е независна работата на Агенцијата, односно колку може да влијае врз процесот на реформите во администрацијата, кои често се наведуваат како неопходна потреба во политичките програми на сите партии кога треба да дојдат на власт?
– Агенцијата за администрација од една страна е независна институција, но од друга страна е хендикепирана во смисла на креирање и влијание врз политиките што се однесуваат на административните службеници. Што се однесува до реформите во јавната администрација, единствената можност за влијание врз тие процеси ја имаме преку учеството во Советот за реформа на јавната администрација, каде што преку активно учество, особено во Акцискиот план за спроведување на реформите, даваме придонес за подобрување на состојбите. Во моментот можам да најавам дека во насока на зголемување на степенот на деполитизацијата и департизацијата на јавната администрација ќе се ревидира или модифицира постојната Комисија за ревизија на постапките за вработување, што од една страна ќе ја зајакне независноста од политички влијанија врз вработувањето во администрацијата, а од друга страна ќе ја зголеми довербата на кандидатите и на граѓаните воопшто. Жалам што Агенцијата нема право директно да влијае врз процесите што се однесуваат на администрацијата затоа што како институција имаме и човечки и технички потенцијал активно да учествуваме и во креирањето политики, но сега тоа е само на ниво на соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, кое, сепак, е надлежно за креирањето политики.
Што ги гарантира правичната застапеност и транспарентноста на процесот за вработување во јавната администрација? Какви критериуми треба да се исполнат при спроведување на процедурата за вработување службеник во јавната администрација?
– Правичната застапеност во администрацијата и во јавниот сектор воопшто, на припадниците на заедниците што живеат во Република Северна Македонија им е гарантирана преку годишните планови за вработување што се обврска на секоја институција од јавниот сектор. Составен дел на годишниот план за вработување е табеларниот приказ за број на одобрени вработувања распоредени по припадност на заедница, или популарно наречениот „балансер“. Од балансерот се гледа колку припадници од определена заедница треба да бидат вработени во текот на годината за која е одобрен годишниот план за вработување. Во последно време некои медиуми укажаа на злоупотреба на правото на самоопределување како во однос на припадноста на определена заедница, за притоа да остварат право на вработување во администрацијата, односно да го избегнат балансерот. Но имајќи ги предвид уставните права на секој поединец слободно да ја одбере припадноста кон определена заедница, а притоа без обврска тоа да биде споредливо со некој официјален документ, можам слободно да кажам дека во таквите случаи нема злоупотреба што може да биде основа за поништување на постапката за вработување.
Ако се земе предвид дека сите фази од постапката завршуваат со записник што е јавно објавен на интернет-страницата на Агенцијата, односно целата постапка завршува со јавна објава на конечната ранг-листа на кандидати, како и дека втората фаза – испитот за административен службеник, односно испитот за административно управување се пренесуваат во живо во реално време на интернет-страницата на Агенцијата, оставам на јавноста да процени за каков степен на транспарентност гарантира Агенцијата за администрација. Во оваа насока би напоменал дека јавноста во работењето на Агенцијата е изразена и преку јавно објавените месечни билтени на активности на Агенцијата и јавната расправа за годишниот извештај за работа на пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија.
Како државен извршен орган, дали и во каква форма Агенцијата за администрација може да биде предмет на некакви политички влијанија?
– Во согласност со својот статус, независен самостоен државен орган и надлежностите што ги има, Агенцијата за администрација има висок степен на независност. Всушност, и главната улога на Агенцијата во системот на вработување е да биде гарант за законски и непристрасни постапки за вработување, односно одлучување по жалби и приговори на административните службеници. Имено, начинот на кој се организирани објавата на јавниот оглас, спроведувањето на постапката за селекција и испитот за административен службеник и испитот за административно управување, исклучува можности за надворешни влијанија со тоа што сите овие процеси се исклучиво електронски и се одвиваат преку мерливи параметри врз кои не може да има влијание од трето лице. Илустративно – не може и не се објавува јавен оглас што не ги содржи потребните законски елементи, бодовите од стекнатото образование се добиваат од постигнатиот успех на кандидатот и врз тоа не може да се влијае, испитот е јавен и не може надворешно да се влегува во софтверот за испит за да се прават некои манипулации со бодовите од испитот. Комисијата за селекција што ја формира Агенцијата, а во која мнозинство претставници има институцијата за чие барање е објавен огласот, е одговорна само за законитоста од аспект на уредноста на кандидатите, манипулациите за време на испит и веродостојноста на доказите.
Интервјуто се бодува преку индивидуални оцени од страна на секој член на комисијата за селекција. Дури и самите записници, односно ранг-листи на кандидати од секоја фаза на постапката и конечната ранг-листа се изработуваат софтверски, без притоа да се користат рачни пресметки за да има можност за грешка или манипулација. Еве, при ваква поставеност и кога би имало желба или обид за политичко влијание при вработувањето, каде и во кој момент од постапката би се извршило форсирање на некој т.н. „партиски кандидат“? Затоа, кога во јавноста се зборува за партизација и политизација на администрацијата, особено преку вработувањата што ги организира и спроведува Агенцијата за администрација, најодговорно тврдам дека не постои притисок или можност за влијанија за партиски вработувања.
Дали се соочувате со одредени недоследности при спроведување на постапките, постапувајќи според постојната законска регулатива? Односно, дали од практичното работење на Агенцијата имате согледано одредени пропусти што би можеле да се надминат и подобрат со одредено законско реформирање?
– Секако. Агенцијата за администрација континуирано на колегиуми за таа намена ги забележува сите елементи од позитивните законски прописи што значат противречности со други закони, непотребни и отежнувачки услови што се бараат од кандидатите, нелогични законски решенија што се однесуваат и на кандидатите и на самите административни службеници. Како за илустрација би посочил податоци од 2018 година, во која се објавени околу 1.500 работни места, но конечна реализација за вработување има само на нешто повеќе од 50 отсто од објавените работни места, и тоа од причина што голем дел кандидати неправилно аплицирале на јавниот оглас, односно не прикачиле документи што секако немале проблем да ги обезбедат, како на пример лекарско уверение или еквиваленција на оценките за завршено образование во странство… Но не ги прикачиле и поради тоа не се квалификувале во фазите за селекција за вработување, односно добар дел од постапките завршил уште во првата фаза. Во постојните закони што се однесуваат на администрацијата и на вработените во јавниот сектор воопшто, постојат голем број решенија што го отежнуваат спроведувањето на постапките за вработување и унапредување.
Во последната година, од страна на Министерството за информатичко општество и администрација активно сме вклучени во процесите на анализа на постојните и предлагање нови законски решенија за подобрување на состојбите во администрацијата и во јавниот сектор воопшто. И тоа не е случајно. Имено, во Агенцијата за администрација се слеваат сите недостатоци поради тоа што Агенцијата е извршителот на политиките предвидени во Законот за административните службеници. Во таа смисла, во периодот што следува, преку соработка со Министерството за информатичко општество и со други државни органи што индиректно влијаат на законските решенија за администрацијата и преку нашето активно учество во Советот за реформа на јавната администрација, ќе придонесеме за подобрување на состојбите во администрацијата и во јавниот сектор воопшто, односно ќе понудиме квалитетни решенија за надминување на овие состојби.
Како државна институција, колку сте подготвени да се справите со предизвиците во работењето што ќе произлезат од примената на Законот за употреба на јазиците?
– Во однос на Законот за употреба на јазиците, како и другите државни и јавни институции што се формирани на територијата на Република Северна Македонија, Агенцијата за администрација е должна да постапи во согласност со неговите одредби во доменот на нејзините законски надлежности. За таа цел, Владата донесе одлука за формирање меѓуресорска работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците, која има одговорна задача во спроведувањето на претстојните активности што се потребни за успешна реализација на овој процес. Една од клучните обврски на оваа работна група е и подготовка на акцискиот план за спроведување на Законот за употреба на јазиците, како и давање насоки на институциите во функција на координирање, организирање, имплементирање и операционализирање на мерките и активностите што произлегуваат од него. Наедно, истакнувам дека Агенцијата за администрација постапува и доследно ги применува сите донесени заклучоци и препораки произлезени од Владата на Република Северна Македонија.
Ако се земе предвид дека се наоѓаме во почетна фаза на имплементација на Законот за употреба на јазиците и сите промени што тој ги повлекува, а во согласност со обемот на активностите што претстојат, очекувано се наметнува потребата од обезбедување дополнителни ресурси, како човечки така и финансиски. Во таа конотација, неопходно е развивање и одржување поинтензивна, поефективна и координирана соработка на меѓуинституционално ниво. Тука ќе нагласам дека очекуваме посебна поддршка од новоформираната Агенција за примена на јазикот што го зборуваат повеќе од 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, која се очекува да одигра значајна улога што позитивно ќе се одрази во континуитет.