Тој препорачува децата, како што вели, да не се фрлаат во оган и да се вакцинираат само помладите со хронични болести
Има ли поента да се вакцинираат деца под 12 години – став на професор Даниловски
Најавите за набавка на 10 илјади вакцини од производителот Фајзер против ковид-19 наменети за деца од 5 до 12 години ја разбрануваа јавноста.
Родителите се загрижени и не знаат што е најдобро за своите деца во борбата со вирусот.
Здравствените власти најавија дека тие треба да стигнат во првото тромесечје на идната година. Составот на вакцината е ист како досега, со тоа што за малите деца се користи третина од дозата за возрасни.
Докторите ги чекаат официјалните насоки, а Комитетот за имунизација се уште нема дадено препорака за вакцинација на малите деца.
Во Македонија, во моментов вакцините се достапни за сите над 12- годишна возраст. За младите од 12 до 18 години се дава само вакцината на „Фајзер“.
Од Министерството за здравство посочуваат дека единствен услов за вакцинирање на малолетните е да дојдат со родител или старател. Вакцината се дава во две дози, со растојание од три недели меѓу нив.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека вакцинацијата на децата во светот се образложува со потребата да се намали интензитетот на преносот на вирусот наоколу, пред сѐ, на постарите членови на семејствата.
– Дури, се турка идејата дека и децата на возраст од 2 до 5 години треба да се вакцинираат, не само од 5 до 12. Тоа би имало епидемиолошка смисла само ако вакцините навистина обезбедуваат висок процент на заштита од заразување. Тоа со ниедна актуелна вакцина не е случај, па ни со „Фајзер“. Ако е така, која е логиката, вакцинирајќи ги и децата, да го намалуваме преносот на вирусот!? Нема да го намалиме – и вакцинирани ќе го шират!-објаснува тој.
Епидемиологот смета дека сегашните вакцини, имајќи предвид дека омикрон ни чука на портите, кој во голема мера го намалува процентот на заштита од заразување, имаат смисла да се дадат примарно за да спречат тешка болест и умирање.
– Ноторен факт е дека децата, па и младинците под 18 години, генерално земено, не се изложени на такви ризици! Има и нешто друго. Од кога тоа треба децата да ги заштитуваат старите, антиваксерите и вакцино-скептиците!? Етички ли е тоа? Обратно би требало да биде! Неуспехот да се натераат тие да се вакцинираат не може да се покрива со фрлање во оган на децата! – објаснува Даниловски.
Сепак, според него, постои исклучок и смета дека апсолутно е оправдана вакцинација на оние деца, кои имаат хронични здравствени проблеми, како имунодефицитни вродени состојби, малигни заболувања, јувенилен дијабетес и одредени ретки болести, кои претставуваат фактори на ризик за неповолен исход на заболувањето од ковид-19.
Европската агенција за лекови (ЕМА) во минатиот месец одобри употреба на помала доза на вакцината Фајзер за деца на возраст од пет до 11 години. Претходно истото го стори и американскиот Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), кој препорача вакцинирање на оваа возрасна група во САД.
Во меѓувреме и поголем дел од западноевропските земји започнаа вакцинација или најавија дека ќе ги одобрат вакцините на „Фајзер“ за деца постари од пет години.