Одлуката да не отстапи од намерата за отворање на џамиите ИВЗ ја темели на тоа дека, со усвоените сопствени мерки за заштита, ќе овозможи и остварување на верските права и почитување на мерките за заштита што ги пропиша државата
Дали за денеска најавеното отворање на џамиите ќе значи нов ризик од ширење на коронавирусот? Дали и колку мерките за заштита што ги усвои Исламската верска заедница (ИВЗ) ќе бидат спроведливи и ќе го заштитат здравјето на верниците? Овие дилеми стануваат реалност, откако ИВЗ одлучи и покрај мерките за спречување на ширењето на коронавирусот да ги отвори своите верски објекти за молитви во екот на рамазанските пости. Особено бидејќи министерот за здравство Венко Филипче, пред два дена, потсети дека забраната за собирање на граѓаните сѐ уште е во сила и дека секое прекршување на ова правило претставува ризик за враќање на пандемијата.
Одлуката да не отстапи од намерата за отворање на џамиите ИВЗ ја темели на тоа дека, со усвоените сопствени мерки за заштита, ќе овозможи и остварување на верските права и почитување на мерките за заштита што ги пропиша државата.
Имено, Ријасетот на ИВЗ донел одлука дека молитвите и верските проповеди во џамиите не треба да бидат подолги од десет минути, а верниците обредот абдест да го прават дома, бидејќи чешмите и тоалетите ќе бидат затворени. Покрај стандардните апели за избегнување физички контакти, ИВЗ забранува престој на клупите пред џамиите пред и по молитвите. Тоа значи дека секој треба да дојде на молитва и веднаш потоа да замине од џамијата.
Молитвите, според протоколот на ИВЗ, треба да се одржуваат на дистанца меѓу верниците, а секој верник треба да има лично сеџаде или постилка на која се извршува молитвата. Исто така, ИВЗ предлага да се користат дворовите и надворешните делови од џамијата за молитва, со намера да се одржи физичката дистанца меѓу верниците колку што е можно повеќе. Другите препораки што ги усвоила ИВЗ се стандардни по протоколите на државните здравствени власти, а тоа се редовни дезинфекции на џамиите, задолжително носење маски, чистење на рацете со средство за дезинфекција при влезот во џамијата или носење ракавици.
Здравствените експерти велат дека сѐ зависи од тоа како ќе се однесуваат верниците во практика.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека доколку мерките не се почитуваат не е оптимист за спречување на ширењето на вирусот
– Едно се мерки напишани на хартија, кои се добро конципирани, а сосема нешто друго е нивното почитување во реалноста. Ако мерките не се почитуваат, не сум оптимист за понатамошниот развој на епидемиолошката состојба – вели Даниловски.
За потсетување, одлуката на ИВЗ да ги отвори џамиите беше донесена без согласност на државните и на здравствените власти. Муфтиите беа едногласни дека состојбата со епидемијата во државата стивнува и дека затоа треба да се нормализира верскиот живот на муслиманите. Истиот ден кога ИВЗ ја донесе одлуката, во Струга се случи масовната посетеност на литијата за Свети Ѓорги. Претходно МПЦ-ОА, најголемиот верски празник Велигден го прослави во услови на строг карантин и полициски час. Црквите беа отворени, но без верници.
Вицепремиерот и координатор на кризниот штаб, Бујар Османи, од Струга испрати порака дека Владата не може да забрани отворање на џамиите и дека таа одлука ја носи ИВЗ.
– Не можеме да се противиме на одлуката што ја носи ИВЗ, тоа што можеме да направиме е да побараме од нив да се преземат сите мерки за заштита на луѓето – изјави Османи.
Тој побара државата да обезбеди мерки со кои ќе се овозможи практикувањето на верските права. Тој на средбата со претставниците на верските заедници во Струга повика да прекинат хистеријата и нападите врз верските заедници.
– Верниците не се криминалци, нивната потреба за враќање на врската со верата не е криминал. Државата е должна да изработи сет мерки, а верските заедници да ги почитуваат. Можеби требало подобра координација на верските заедници со државата во време кога беа носени одредени одлуки, но реалноста сега е таква, одлуката е донесена како да се адаптираме на оваа ситуација.
Моја должност е да бидам во блиска соработка со сите верски заедници, за да може да го штитиме здравјето на луѓето во текот на верските обреди – рече Османи, нагласувајќи ја потребата од почитување на мерките и координираност на сите чинители во општеството со што би се елиминирале какви било перцепции за постоење некакво верско ривалство во мерките.
Комисијата за заразни болести вчера требаше да ја разгледа актуелната здравствена состојба во државата, а наедно и да одлучи дали ќе има или нема да има намалување на мерките за заштита.