Во Бирото за развој на образованието велат дека наставата, нејзиното планирање, предавање, следење и усвојување од страна на учениците, не оди без оценување, односно без вреднување на учениците. Сите тие се неразделни елементи на образовниот процес, а оценувањето е круна на процесот
Во услови на ковид-19 ќе има оценување
на учениците
Иако во многу поразвиени образовни системи од нашиот сѐ уште ја имаат дилемата околу начинот на оценување и валоризација на степенот на стекнатите знаења за методските единици предавани во услови на ковид-19, кога наставата се одвива од дома, македонските образовни власти сметаат дека треба да има оценување.Надлежните веќе објавија и упатство во кое ги има насоките за наставниците и за професорите во средните училишта, за тоа како да ги оценат своите ученици од далечина.
Креативност или заблуда на Бирото за образование
Во овој период нема друга можност за учење, освен учењето на далечина, па секој наставник наоѓа начин како да ја предаде материјата предвидена со програмата, за да не трпи наставата.
– Во услови на учење на далечина, мора да се користат современи пристапи односно платформи, електронски мрежи, електронски медиуми, за да може да се оценат учениците. Постојат многу техники и методи погодни за формативно оценување на напредокот на учениците со користење електронски платформи и мрежи. Ова вклучува задачи како што се: есејски прашања (употреба на е-пошта), изработка на проекти (преку работа во група), дискусии на Скајп или на Вибер, мултимедијални презентации, изготвување постери, тестови на знаења (може да се проследат преку социјалните мрежи, е-пошта или преку платформа), контролни вежби на учениците – пишува во упатството на Бирото за образование.
За да тестираат, наставниците и професорите можат да користат прашалник и квиз-алатка за да направат тестови за тестирање со задачи и прашања со повеќечлен избор, отворени прашања, прашања со дополнување и кратки одговори. Во упатството стои дека можат да користат различни алатки за споделување материјали, Гугл формс, Уан ноут, Мајкрософт тимс, Зум, Ментиметер, Сурвеј манки, Едмондо и други алатки што им се познати и можат да ги користат и тие и учениците. Задачите и прашањата за тестирање треба да се изработуваат во согласност со наставните програми. Тестовите не треба да се обемни, се препорачува да содржат најмногу десетина суштински задачи или прашања.
Во Бирото за развој на образованието велат дека наставата, нејзиното планирање предавање, следење и усвојување од страна на учениците, не оди без оценување, односно без вреднување на учениците. Тоа се неразделни елементи на образовниот процес.
Без оценување, образовниот процес би бил некомплетен
Следењето и вреднувањето на учениците е составна компонента на наставата и се одвива паралелно. Наставникот мора да ги испланира методите и техниките за следење. Мора да добие некаква повратна информација од учениците дали се постигнуваат целите на наставата и резултатите од учењето. Наставниците ги бележат резултатите според насоките на формативното оценување, обезбедуваат поединечни информации за учениците за постигнатите резултати. Наставниците ги согледуваат и тешкотиите што ги имаат учениците во усвојувањето на содржините, и врз основа на тие согледувања им даваат дополнителни насоки и совети. Ова не сметаме дека дополнително ќе ги оптовари наставниците, бидејќи учениците се веќе оценети за првото тримесечје, првото полугодие и третото тримесечје, кои наставникот ќе ги користи за да ја формира оценката на крајот од годината, вели Оливер Станојоски од Бирото за развој на образованието.
Умешноста на наставникот за оценување и валоризација на учениците ќе дојде до поголем израз
За учениците од стручното образование, при оценување на вежбите и практичната настава, наставникот треба да даде тема за изработка на проектна задача. Наставникот треба да ги насочи учениците на видеоматеријали со прикажани технолошки процеси и/или услуги, во согласност со наставната програма, кои ќе бидат анализирани преку изработката на проектната задача.
За формирање на оценките за практичната настава и вежби, како главна алатка ќе се користи досие за стекнатите знаења и вештини за ученикот. Досието за постигнувањата на знаењата и вештините на ученикот ќе се води како е-портфолио со континуирана комуникација меѓу ученикот и наставникот за следење на постигнувањата на ученикот и за добивање јасна слика од страна на ученикот за резултатите што ги остварил.
На 11 март, беше донесена одлука да се затворат сите училишта во државата. Оттогаш учениците учат од дома. Со допис од Министерството за образование и наука, наставниците се известени дека им е дадена слобода во изборот на платформата што ќе ја користат при организација и реализација на наставата. Има многу наставници, но и деца што се соочуваат со проблем, односно немаат компјутер или паметен телефон, па наставниците во тој случај бараат алтернативни начини да комуницираат со нив.
МОН во меѓувреме спроведува анкета, односно се бара семејствата да се изјаснат дали им се потребни компјутер и интернет, па врз основа на тоа ќе се знае дали и колку компјутери ќе бидат набавени за овие семејства.
Инаку, нема да има промени во однос на формата на оценувањето, таа си останува иста. Учениците и во вонредна состојба, ќе се оценуваат бројчено и описно. Описно ќе бидат оценети децата од прво до трето одделение, а бројчено учениците од четврто одделение до четврта година средно.