Седум хотелиери со над 50 легла се пријавиле во Владата нивните објекти да бидат користени за државен карантин, а на располагање ќе биде и Пепелиште, без разлика што се работи за касарна во која има војнички услови.
Минситерката за одбрана, Радмила Шеќеринска посочи дека бројката на граѓани кои не ја почитуваат самоизолацијата, како и лицата кои се враќаат во државата, не е мала.
– Уште пред да ја објавиме мерката, имавме иницијативи од страна на хотелските капацитети. Вчера објавивме и повик до сите кои имаат над 50 легла и се подготвени да прифатат луѓе кои ќе бидат во државен карантин, да се пријават. Јас како што знам, во првиот момент имавме 7 капацитети на располагање. Ќе ги користиме и државните капацитети, како оној во Демир Капија. На располагање е и Пепелиште без разлика што се работи за навистина војнички услови. Сметаме и на неколку одмаралишта и државни капацитети кои за 1-2 дена ќе бидат целосно во употреба. Но очекувам поголем број на хотелски капацитети и одмаралишта да бидат ставени на располагање – изјави Шеќеринска.
Таа потенцираше дека Владата не сака да преземе вакви мерки, но мора бидејќи правилата не се почитуваат.
– Бројката на наши граѓани кои се враќаат во државата не е мала, за жал, бројката на граѓани кои не ги почитуваа правилата за самоизолација е голема. Ние не сакавме да преземаме вакви мерки, но во ситуација кога не се почитуваат правилата, државата мора да си ги заштити своите граѓани – додаде Шеќеринска.