Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, ги посети припадниците на Единицата за брзо распоредување во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ во Скопје, каде разговараше со раководните луѓе на единицата и беше информиран за сите тековни задачи на припадниците на ЕБР, примарно околу доследното спроведување на мерките, уредбите и препораките на Владата, но и во делот на другите законски надлежности на оваа организациона единица на МВР.
Чулев ја истакна важноста на оваа специјална единица за Министерството за внатрешни работи, но и за целата држава. Тој истакна дека припадниците на оваа единица се исклучително храбри луѓе чија професионалност и посветеност е потврдена во повеќе клучни моменти за нашата држава.
Тој нагласи дека посебен акцент е ставен на заштитата на самите полициски службеници кои се во буквален смисол на првата линија на фронтот во превенцијата и сузбивањето на епидемијата и нејзините последици по здравјето на сите наши граѓани, при што апелираше до нив да го заштитат своето здравје и да ја користат заштитна опрема која Министерството за внатрешни работи ја става на нивно располагање.
Во таа насока Чулев потенцираше дека Министерството за внатрешни работи има успешно реализирано набавка на заштитни средства и опрема. Сите потребни количини се веќе пристигнати во магацините на Министерството за внатрешни работи, а голем дел од нив веќе се дистрибуирани до сите организациски единици.
За министерот Чулев неспорна е огромната важност и улога на полицијата во реализацијата на институционалната стратегија за борба против епидемијата, така што изразувајќи огромна благодарност потенцираше дека секој поединец кој е вработен во Министерството за внатрешни работи е исклучителен важен во целосното функционирање на институцијата и во таа насока апелираше до нив уште еднаш до нив да водат грижа за себе и за своето здравје, а со тоа да дадат личен придонес во борбата со коронавирусот.