Комисјата за заразни болести допрва ќе одлучува за рестриктивните мерки за прeстојните празници, најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче, при посетата на модуларната болница во Битола.
– Во однос на престојните празници допрва ќе зборуваме и ќе видиме дали Комисјата нешто ќе препорача, на еден од претходните состаноци најавивме дека ова специфично ќе го дискутираме, но да ве потсетам дека за време на минатогодишните празници имаше построги рестриктивни мерки, а сепак се појавија нови и нови пациенти – нагласи Филипче.
Според министерот, земјите што вовеле карантин и пoлициски час многу построги од нашите, по појавувањето на новиот бран, повторно не добиле резултати.
– Суштината е во почитување на веќе важечките превентивни мерки. Ние имаме балансирани мерки, има рестрикција во движење за категоријата граѓани кои се помлади, за кои забележувме дека, по завршувањето на работата на угостителските објекти, се групираа во паркови, на јавни површини и таму не се почитуваа превентивните мерки, ниту носеа маски ниту се држеше дистанца – објасни Филипче.