Имунизацијата останува еден од најсериозните инструменти за сузбивање на вирусот и сите вакцини се апсолутно безбедни, порача министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинариски прашања во Шуто Оризари. Тој напомена и оти верува дека постои можност одредено количество на вакцини да пристигне во Македонија и пред март, додавајќи дека нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцината против ковид-19.

Министерот истакна дека се преговара и со Австрија, освен со Бугарија, Грција и со Полска, додека паралелно течат и разговорите со производителите на вакцини. Згора, се очекуваат вакцини и преку системот Ковакс.

– Ние сме во комуникација со сите европски држави кои ги понудија механизмите за помош и верувам дека ќе има начин вакцините да стигнат во нашата земја и пред март – рече Филипче, искажувајќи став дека е потребна имунизација со која ќе се достигне степен на колективен имунитет кај 60 до 70 отсто од населението, за да спласне вирусот.


Германија донира опрема за Поликлиниката во Шуто Оризари

Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово заедно со амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, присуствуваа на примопредавање на донација од страна на Министерството за надворешни работи на Германија за Поликлиниката во општина Шуто Оризари.

– Ова е една многу значајна донација. За сума од 16 илјади евра се набавува значајна опрема која ќе служи во Поликлиниката во Шуто Оризари и се зголемува пристапот и квалитетот на здравствена заштита на граѓаните, во делот на лична заштитна опрема, кислород, кислородни маски, сè тоа што значи брз пристап до еден одреден дел од системот на здравствена заштита. Во оваа поликлиника имаат пристап граѓани од многу ранливи категории – рече Филипче.

Во Поликлиниката формиран е Центар за брзи тестови за ковид-19 и во континуитет има дежурна екипа составен од лекар, медицинска сестра и лабораторија којашто на граѓаните од овој регион им е на располагање 24 часа во денот.

– Благодарение на Амбасадата на Кина во изминатиот период работевме и се заврши проектот за целосно реновирање на оваа поликлиника и тоа ќе започне на почетокот на следната година – рече Филипче.

Германската амбасадорка Холштајн истакна дека оваа донација е по иницијатива на Сојузната влада за време на германското претседателство во Советот на Европската Унија за помош на државите од Западен Балкан при пандемијата од ковид-19.