Жалење за починатата медицинска сестра од Општата болница во Охрид, која ја загуби битката со ковид-19, изрази министерот за здравство Венко Филипче, преку неговата официјална фејсбук-страница.
– Со жалење ја примив веста, дека уште еден медицински работник ја изгуби битката со ковид-19, медицинска сестра од болницата во Охрид. Изразувам длабоко сочувство до семејството и колегите во болницата – напиша Филипче.
Министерот додаде дека медицинските работници се на првата линија во битката со вирусот, како и дека мерките за заштита треба да се почитуваат.
– Медицинските работници се на првата линија во битката со вирусот, ставајќи го сопственото здравје и живот, здравјето и животот на своите семејства во голем ризик. Да дадеме поддршка и да оддадеме почит кон нивната работа. Да ги почитуваме мерките за заштита бидејќи така се штитиме и себе и здравствените работници.
Од Општата болница во Охрид денеска соопштија дека 48-годишната медицинска сестра ја загубила битката со коронавирусот.
– Нејзината прерана смрт е голема загуба за нејзиното семејство и за сите нас. Загубивме професионалец, медицинска сестра со ведар дух и топлина. Омилена кај пациентите и кај вработените. Почивај во мир драга сестра Дијана. Твојот ведар лик вечно ќе остане во нашите сеќавања. Со длабока почит, порачуваат вработените од ЈЗУ Општа Болница Охрид – пишува во објавата на Фејсбук на ЈЗУ Општа болница – Охрид.