„Аџибадем Систина“ отстапи петмина лекари и на тој начин ќе го помогне јавното здравство, но нема да ги намали цените за лекување на ковид-пациенти оти тоа немало економска логика, додека клиниката „Жан Митрев“ најавува подготвеност за намалување на цените за лекување на болните од ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека веќе се договорени намалувањето на цените и отстапувањето на лекарите со приватните клиники.
– Вчера имав состанок со медицинските директори на трите приватни болници, на „Ремедика“ каде што не се лечат ковид-пациенти, на „Жан Митрев“ и „Систина“. Најпрво зборувавме за кадарот. Веќе од утре треба да ни биде на располагање, а тоа се пет лекари од „Систина“, двајца од болницата „Ремедика“ и веројатно еден од „Жан Митрев“, иако првичната најава беше дека се поголем број од здравствениот кадар е на боледување и дека ќе можат да пренасочат еден лекар да биде на располагање. Втората тема на разговорот беа цените. Иако апелирав тоа да се направи бидејќи е криза, бидејќи е пандемија, бидејќи е специфично прашање насекаде во светот, доктор Жан Митрев изрази спремност и рече дека денеска ќе потврди дали ќе ги намали цените за одреден процент, а од „Систина“ јасно ми кажаа дека тоа не можат да го направат бидејќи немале економска логика – рече министерот Филипче.
Министерството за здравство, според министерот Филипче, формално-правно нема никаков механизам за корекција на цените во приватините клиники.