Системот „Мој термин“, освен во некои клиники каде што е редуциран, насекаде работи нормално. Нема одложување на хроничните интервенции, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
– Во однос на матичните лекари, нешто за што во последниот период имаше многу прашања во однос на начин на третман на пациентите. Функционира истиот систем којшто функционира со години наназад, а тоа е дека прва инстанца на којашто се јавуваат е матичниот лекар којшто прави проценка на здравствената состојба. Индицира одредени анализи и врз основа на состојбата препишува терапија. До овој момент нема терапија специфична за ковид-19 вирусот никаде во светот. Нема ниту еден лек којшто е потврден да биде специфичен којшто е за оваа болест – кажа министерот.
Тој кажа дека денеска почнува постапката за набавка на брзи тестови, а во меѓувреме 20 илјади тестови стигнале како донација, 13 илјади се веќе поделени и се користат во повеќе здравствени установи во нашата земја.
Филипче вели дека координацијата помеѓу директорите на клиниките во Скопје и внатрешноста оди добро.
– Се случува некој пациент да оди ненајавен и да се создаде нетрпение кај семејството, меѓутоа тоа се менаџира на дневна основа. Притисокот врз болниците е голем, иако бројот на слободни кревети веќе не се намалува како што се намалуваше во изминатите претходни три недели, што значи дека е нешто намален бројот на пациенти на коишто им е потребна хоспитализација. Има слободни болнички кревети во практично сите болници. Од анализите на бројките и трендовите, може да се забележи дека епидемијата го достигна пикот пред една недела и од тогаш бројките се стабилизирани, се во ниво на едно плато и тоа ни укажува дека Р0 факторот на преносливост е практично 1. Позитивно е што бројот на активни случаи полека се стабилизира, што исто така се регистрира и во Европа – истакна Филипче.
Тој упати апел до граѓаните дека мора да разберат дека во оваа состојба вирусот ќе опстане, и е практично широко распространет.
– За секој еден од нас е ризик. Мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагол пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок како што беше пред неколку недели кон болниците. Се уште постои, но не со таков интензитет. Позитивни се вестите кои доаѓаат во однос на вакцините. Веќе има вакцини кои се во завршните фази. Очекуваме преку КОВАКС-системот, тој систем кој ќе профункционира тогаш кога ќе почнат да ги даваат вакцините и кон алијансата ГАВЕ, СЗО, УНИЦЕФ. Во координација сме во однос на системот на чување и дистрибуирање. Сепак, тоа е една одлична вест што следната година верувам дека ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот. Во таа насока, ќе може да очекуваме и стабилизација – потенцираше Филипче.