Очекувавме дека бројот на новозаразени ќе биде намален за време на празниците, со оглед на тоа што беа направени помал број тестови, изјави министерот Венко Филипче на новинарско прашање дали драстичниот пад на новодијагностицирани од ковид-19 се резултат на три пати помалку изработени тестови.
– Тоа го дискутиравме и ние и станува збор за варијации, сега е можно оваа варијација на бројот на заболени да се должи на помалиот број направени тестови. Минатата недела имавме зголемување на бројот на заболени поради пристапот, се одеше кон веќе идентификувани лица кои биле во изолација, па развиле симптоми. Знаевме дека ќе се намали бројот на тестови за време на празниците, тоа беше очекувано. Затоа не сакаме да правиме проста математика бидејќи се уште не сме влезени во периодот во кој можеме да кажеме дека пикот е поминат – рече Филипче.
Тој рече дека останува на прогнозата дека пикот ќе биде во наредните недела до две, односно крајот на април и почетокот на мај.
– Мерките даваат и ќе даваат резултат, затоа што при анализа на тоа колку пациенти можат да бидат преносители е резултат на неколки фактори – бројот на контакти што ги имаат во текот на денот и колку денови со тие луѓе лицето имало контакт – рече министерот за здравство.