Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ги молеше пациентите болни од коронавирусот да не даваат лажни податоци за контактите што ги имале, со цел побрзо да се спречи ширењето на коронавирусот.
Тој рече дека ни претстои долга битка со коронавирусот, дека мора да се научиме да живееме со него, но и дека граѓаните не смеат да лажат во однос на контактите.
– Препораките на Комисијата за заразни болести остануваат исти. Бранот сè уште трае иако две од поголемите жаришта, во Тетово и во Штип, спласнуваат. Сега сме концентрирани на спречување на ширење на заразата тука, во Скопје.
Нè чека долга битка со вирусот, но мора да се научиме да живееме со него. Тоа е нашиот нов начин на живот, држење дистанца, носење маски и редовна дезинфекција на рацете. Сепак, мора да се кажуваат точни податоци, имаме неколку случаи во кои поради давање неточни податоци повеќе здравствени работници сега се во изолација. Ова не смее да се случува.
Апелирам сите пациенти да ги кажуваат точните податоци и да се почитуваат институциите. Посебно здравствените работници, кои оваа битка не можат да ја добијат сами. Животот мора да продолжи, не можеме да останеме затворени и со рестрикции – рече Филипче.