Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во обраќање до јавноста истакна дека светската здравствена криза предизвиката од ковид-19 е најголемата во последните 100 години. Оваа криза донесе тага за оние кои ги загубија своите блиски, економска неизвесност за сите нас и огромна промена во нашите животи.
Шест месеци откога се регистрира првиот случај во нашата земја, тој се заблагодари за силата и поддршката која граѓаните ја даваат во борбата со вирусот.
– Со почитување на мерките за заштита на сопственото здравје, освен што се штитите себеси и своите блиски, давате личен придонес во напорите на здравствените работници кои секојдневно се борат за секој еден човечки живот. Знам дека животот со вирусот изморува и разбирам колку е тешко што можеби работите не се онакви какви што би сакале да бидат. Но, ова нема да трае вечно. Од ден во ден, сме се поблиску до надминување на кризата – потенцираше министерот Филипче и додаде дека треба да бидеме свесни дека ни претстои уште еден период во кој мора да се штитиме уште повеќе и уште подисциплинирано да ги почитуваме мерките.
Филипче изјави дека есента носи многу ризици, а вирусот докажа дека е исклучително непредвидлив. Затоа, тој упати апел сите да бидеме максимално претпазливи.
– Мерките за лична заштита се јасни и веќе многу добро познати. И не се тешки за почитување, во тоа сум сигурен. Потребно е само прифаќање на реалноста и верба дека, доколку доследно се придржуваме кон нив, ова ќе помине. Дека ќе успееме, а успехот ќе биде наш, заеднички. Сакам да ве уверам дека како министер правам се што е потребно да се подготвиме за есенскиот период. Ги зајакнуваме болничките капацитети и кадарот. Новата Влада максимално ќе ги насочи ресурсите кон здравството со цел поддршка на здравствените работници и обезбедување на добри здравствени услуги за сите граѓани. Сакам уште еднаш да им се заблагодарам на моите колеги – здравствените работници и сите кои неуморно работат во надминување на кризата. Вашиот труд и посветеност нема да бидат заборавени – посочи Филипче.