Моделот на модуларни болници е модел без кој не само нашата држава туку ниедна земја немаше да може да ја менаџира кризата, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција одговорајќи на новинарски прашања за неопходноста од модуларните болници.
Тој истакна дека за време на пандемија, кога најмногу се потребни болнички кревети, не постои друг начин да се прошират болничките капацитети за толку краток период.
„Направивме 700 болнички кревети за помалку од 2 месеца. Благодарение на тоа имаше каде да сместуваме пациенти. Алтернатива на тоа е италијанското сценарио, луѓето да бидат заглавени во возилата за итна помош пред болниците, да нема каде да се сместат. Едноставно, да не можеме да им дадеме соодветна помош. И сега и за време на претходните бранови има огромен број пациенти што се лекуваат во модуларните болници“, додаде тој нагласувајќи дека во периодот кога имаше над 1.700 хоспитализации дневно, половина од пациентите се лекувале токму во модуларните болници.
Во однос на безбедноста и начинот на работа во овие болници, Филипче беше дециден дека Министерството добило потврда за исправност на сите инсталации, струја и канализациска мрежа во модуларните болници, како и потврда дека целиот персонал ангажиран во нив дејствува во согласност со издаденото упатство за работа.
Филипче додаде дека не бега од одговорност, но здравствениот систем е комплексен и мора да се менаџира.