Политичките партии и нивните лидери имаат особена одговорност да организираат избори низ конструктивен дијалог и во прифатливи здравствени услови, обезбедувајќи притоа одзив на изборите со кој ќе се зајакне легитимноста на институциите. Ние посакуваме силни партнери што ги споделуваат европските вредности, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние за „Нова Македонија“
ЕУ СО СВОЈ СТАВ ЗА СЛУЧУВАЊАТА
ВО МАКЕДОНИЈА
Посветеноста на актуелните политички приоритети не би смеело да го помести фокусот од главните стратегиски цели на државата, како што е членството во ЕУ. Во секој случај не може да се одбегне сознанието дека пандемијата на коронавирусот создаде некоја дополнителна замагленост на погледот на Македонија кон ЕУ (и обратно), и покрај извесноста на фактот дека земјава на 27 март доби согласност од лидерите на Унијата (на видеосамитот на ЕУ) за започнување на преговори за членство во Унијата.
Препораката за Македонија се случи во виорот на пандемијата, но и понатаму остана недоречено кога би започнале преговорите, односно останаа за усогласување главните механизми и рокови за конкретно влегување во преговарачкиот процес.
Неодамна, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент потврди дека извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западен Балкан се одложуваат за септември, но не и преговарачките рамки за Македонија и за Албанија.
– Работиме деноноќно со ковид-19 и со оглед на тоа дека е тешко да се предвиди каква ќе биде економската состојба, исто е тешко да се види како ќе се испорачаат реформите, затоа што, се разбира, ковид-19 ја кочи работата.
Сакаме да излеземе со суштински извештај, добар извештај, кој ќе даде процена за напредокот. Мојот фокус сега е повеќе на преговарачките рамки за двете земји, Северна Македонија и Албанија. И тоа што можам да го кажам е дека овие ќе бидат објавени во јуни. И мислам дека ова е клучен дел за да го задржиме моментот што се создаде – рече Вархеи пред европратениците и дополнително истакна дека преговарачките рамки ќе бидат придружени со процена за реформскиот напредок.
Информацијата на еврокомесарот Вархеи за текот на активностите за подготовката на преговарачката рамка од страна на ЕУ, во Македонија се совпаѓа со периодот на потенцијална политичка криза предизвикана од неусогласеноста на партиските лидери во договарањето на датум за избори. Легитимноста, но и начинот и амбиентот на изведување на изборните процеси секогаш внимателно се следеле и се ценеле од институциите на ЕУ, во однос на кредибилноста и подготвеноста на земјите-кандидатки за пристапување кон Унијата. За таквите критериуми ЕУ не е подготвена да гледа низ прсти.
– Од близу ги следиме разговорите во Скопје помеѓу политичките лидери. Разговорите треба да продолжат за земјата да може да организира избори и да се справи целосно со последиците од кризата со ковид-19 – изјави портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.
Таквиот став на Европската комисија за важноста на регуларни и фер избори за македонските евроинтеграции ја потврди и францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, кој за „Нова Македонија“ изјави дека ЕУ и Франција посакуваат силни партнери што ги споделуваат европските вредности.
– Успешни избори, спроведени во атмосфера на демократски консензус и во регуларни и фер услови ќе бидат важен елемент при подготовката на очекуваниот извештај за земјата, предвиден за наесен. Новата методологија, која ја промовира Франција, особено инсистира на долгорочното зајакнување на владеењето на правото. Политичките партии и нивните лидери имаат особена одговорност да организираат избори низ конструктивен дијалог и во прифатливи здравствени услови, обезбедувајќи притоа одзив на изборите со кој ќе се зајакне легитимноста на институциите.
Ние посакуваме силни партнери што ги споделуваат европските вредности. Овие вредности, во теорија почиваат врз правото, а во практика врз база на компромисот, а сè во интерес на граѓаните – вели францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние за „Нова Македонија“.