Студентите на ФИНКИ веќе слушаат онлајн-предавања од дома. Ефектот од ваквиот начин на учење, според деканот Иван Чорбев, е ист како и од класичниот
По стопирањето на наставата и по препораките од здравствените власти да се седи дома за да се спречи ширењето на коронавирусот, високообразовните институции во периодов се самоорганизираат за да можат студентите редовно да следат предавања од дома.
Ова веќе функционира на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Деканот проф. д-р Иван Чорбев вели дека на овој факултет студентите учат на далечина.
– Во моментов, во исто време во тек се 10 вакви часови. Планираме да организираме час со над 1.000 студенти, на кој ќе предавам јас. Предавањето се одвива во живо, но има и опција да биде снимено за да можат студентите да го ислушаат и подоцна. Поентата е дека полесно може да се мигрира ако веќе има добра инфраструктура. И другите факултети се обидуваат да го прават истото што и ние, почнуваат да се интересираат секој во согласност со своите капацитети, неколку декани побараа совети како да се организираат – изјави Чорбев.
Тој истакна дека професорите можат да одржуваат предавања и на најобичен Скајп или Вибер. Со конференција на Скајп може да слушаат предавања помал број студенти.
– Постои „Зум“, која е веб-платформа за онлајн-состаноци, тоа е многу популарна платформа. Таму може да се организира телеконференција, а за до 100 корисници е бесплатно 40 минути. Ние бидејќи сме поголем факултет со повеќе студенти, бевме принудени да инсталираме телеконференциска платформа, која се вика „Биг блу батн“, и поради моќните сервери што ги имаме, немаме проблем да организираме настава. Инаку, онлајн-наставата е исто ефикасна како и класичната настава. Не само сега поради болеста, таа се користи секаде во светот – вели Чорбев.
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, вели дека на ФИНКИ сега пробно сакаат да видат како функционира онлајн-наставата.
– Се планира овој начин на учење да се примени на ниво на универзитет. Во моментов се разгледуваат сите можни платформи за онлајн-учење. Со Факултетот за електротехника и информациски технологии, ги разгледуваме сите опции, се гледа и потребата од инфраструктура, од обуки за професорите. Работиме вака да функционира наставата на целиот универзитет – вели Јанкуловски за „Нова Македонија“.
Поради пандемијата од коронавирусот, многу земји што се погодени почнаа со онлајн-настава.
МОН: Онлајн-наставата во основното и во средното образование не е опција
Класична онлајн-настава во моментов не е опција, имајќи предвид дека за неа не постои правна регулација, но имајќи и предвид дека спроведувањето на ваков тип настава зависи и од повеќе други фактори, информираат за „Нова Македонија“ надлежните во Министерството за образование и наука.
– Не сите деца, особено најмалите основци, поседуваат, користат и знаат да ракуваат со ИТ-уреди или, пак, имаат концентрација да следат онлајн-настава. Исто така, воведувањето онлајн-настава е детерминирано и од поставеноста и квалитетот на интернет-мрежата, која, сакале или не, мораме да признаеме дека од аспект на квалитет се разликува во урбаните и во руралните средини, а тоа би ги ставило учениците во нерамномерна положба – појаснуваат во МОН.
Министерството заедно со сите засегнати и надлежни институции и со партнерски организации се заложи за наоѓање начини за неформална едукација, која ќе биде достапни за најголем број ученици.
– Во таа насока, освен што споделивме едукативни содржини со училиштата и во јавноста, донесовме и заедничка одлука за емитување на едукативната програма „ТВ-училница“ на МРТВ. Дополнително, ќе биде подготвен план за организирање на наставата до завршување на учебната година, за што повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста во следниот период – додаваат оттаму.