На претстојната кампања, која ќе биде во знакот на справувањето со пандемијата на ковид-19, се очекуваат одредена доза новитети во користењето на модерната технологија, но и многу поголемо потпирање на класичните медиуми и на весниците, тврдат аналитичарите. Ваквите аргументи тие ги темелат на фактот што голем дел од гласачко тело во Македонија, за жал, сѐ уште е неуко за користење на модерните средства и технологии, бидејќи во оваа група влегуваат гласачите од постарата генерација и оние од руралните средини
Политичките митинзи засега ад акта
Какви технолошки новитети во однос на политичката кампања би можеле да се очекуваат во претстојната изборна трка, која се најавува дека може да започне по завршувањето на вонредната состојба во Македонија. Пандемијата на коронавирусот претставува голем предизвик за политичарите, кои бараат начини како нивните пораки да допрат до потенцијалните гласачи. Деновиве српскиот претседател Александар Вучиќ во предизборна кампања во својата земја го спроведе првиот виртуелен политички митинг на Балканот.
Политичките аналитичари и пиар-стратези велат дека виртуелниот митинг, кој се одржа во соседството, со сигурност е своевидна индикација за тоа што би можело да ја очекува Македонија на технолошки план за време на претстојната кампања, во време кога е присутна опасноста од ковид-19.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека виртуелниот митинг што го одржа српскиот претседател Александар Вучиќ со сигурност внел нови стандарди во регионалната политика во техничка смисла на зборот, кои очигледно од оваа точка па натаму сѐ повеќе ќе се користат во кампањите за избори во земјава и во регионот.
Арсовски вели дека технолошки митингот што се спроведе бил пионерски чекор, но додава дека анализирајќи го севкупниот ефект од дејствувањето на партијата на Вучиќ се добива впечаток дека случувањето е вештачко, односно негативно и за пренесување на пораката на партијата, но и за окото на гласачите.
– Тоа беше така бидејќи од онлајн-присутните на митингот на Вучиќ, сите беа најверојатно само негови приврзаници и недостигаше објективна точка на настанот – вели Арсовски.
Според него, од македонска перспектива на случувањата, слободно може да се очекуваат слични чекори од нашите партии за време на претстојната кампања, но аналитичарот додава дека сѐ уште нема изградено личен став за потенцијалниот повратен ефект или за користа од користењето на новата технологија.
– Јас лично тешко можам да проценам каква ќе биде бенефицијата од технолошките новитети во кампањата што ќе се води наскоро и кај нас. Но она што може да се очекува е дека во земјава во кампањата можеби најмногу ќе се користат видеоврските и виртуелните средства за комуникација – вели Арсовски.
Аналитичарот подвлекува дека во овој момент треба да се размисли и многу добро и за делот од кампањата што се однесува на платената политичка програма, која во овие моменти се наоѓа во сосема нови води на дејствување и сѐ уште е неизвесно како ќе изгледа таа во Македонија во услови на присуство на коронавирусот.
Политичкиот стратег и пиар-експерт Синиша Пекевски вели дека на претстојната кампања, која ќе биде во знакот на справувањето со пандемијата на ковид-19, се очекуваат одредена доза новитети во користењето на модерната технологија во дејствувањето на партиите. Но Пекевски додава дека главното гласачко тело во Македонија што гласа за најголемите политички партии, за жал, сѐ уште е неуко за користење на модерните средства бидејќи во оваа група влегуваат гласачите од постарата генерација и оние од руралните средини.
– Прогнозирам дека на претстојните избори партиите само во поголем опсег од досега ќе ги користат интернет-платформите и социјалните мрежи како алатка за пренесувањето на својата порака до гласачите. Имено, сосема е логично кога ќе се обраќаат до помладата генерација гласачи да ја користат платформата Јутјуб за водење двонасочни митинзи. Дополнително, верувам дека класичните медиуми во оваа кампања сега ќе имаат и повеќе работа од претходните избори. Имено, преку телевизиите и весниците партиите ќе се обидат да се изрекламираат, но и да ги пренесат своите пораки до широките маси – вели Пекевски.
Коментирајќи го новитетот за водење кампањи со виртуелен митинг, како оној во Србија што неодамна го изврши тамошниот претседател Александар Вучиќ, вели дека таквото дејствување на партиите во земјава засега сѐ уште е далечно.
– Не верувам дека некоја партија би спровела виртуелен митинг во Македонија, бидејќи политичките придобивки од тој чин, но и од класичните митинзи се мали. Па во тој контекст, народски кажано не се исплати да се организира таква манифестација, која може дури и негативно да биде оценета од гласачите како популистичко дејствување – вели Пекевски.