Веќе втора недела Македонија и официјално живее во вонредна состојба, односно со политичката мерка преземена пред сѐ поради подобро оперативно справување со пандемијата на коронавирусот. Вакви одлуки презедоа речиси сите влади во земјите во регионот и во голем дел од Европа, пред сѐ во земјите каде што има големи жаришта на ширење на вирусот, како Италија, Шпанија, Франција…, а и институциите на ЕУ функционираат во согласност со превентивата од коронавирусот. Факт што не може да се скрие е дека состојбата на широка пандемиска закана, поради загрижувачки брзото и широко контаминирање, како и високата смртност во одредени земји, создава и страв, како на личен, така и на поширок општествен план. Па, во истражувањето на агенцијата „Галуп“, спроведено на 20.000 луѓе, во 26 земји, е дојдено до сознание дека 62 отсто од луѓето во светот се плашат да бидат заразени, но истовремено дури 56 отсто од луѓето мислат дека заканата не е толку опасна како што се тврди. Она што е специфично во ова истражување е показателот дека над 70 отсто од луѓето на Балканот сметаат дека коронавирусот не е толкава закана како што се претставува.
– Балканот со векови е важен крстопат. На таквите места интензитетот на историјата е значително повисок, што значи дека тука имало повеќе кризи што требало да се надминат. На некој начин, луѓето веќе се навикнаа на вакви ситуации – констатираат истражувачите на „Галуп“.
Наспроти тоа, во Западна Европа дури 70 отсто од луѓето сметаат дека вирусот е голема закана.
– Секако дека има вистина во тоа што луѓето на Балканот живеат постојано под стрес од опасности, придонесува за ваквите резултати од истражувањето, но претпоставувам дека не се одело во подлабоки анализи. Не ми се познати прецизно методите на истражувањето, но од професионалното искуство имам сознанија дека реакцијата на опасноста на Балканот вообичаено е задоцнета, а кога подоцна ќе се прифати таквата опасност, реакциите се ирационални. Поирационални од оние што веднаш се соочуваат со стравот од опасноста. Стравот е добар за да се разбере дека доаѓа нешто опасно и да се подготвиш да се соочиш со тоа – вели професорот социолог Илија Ацески.
Според анкетата, во Босна и Херцеговина и во Македонија дури 73 отсто од луѓето сметаат дека вирусот се претставува поопасен одошто е, а во Бугарија тоа го мислат 72 отсто од луѓето. Ваквите резултати наметнуваат и еден поинаков аспект на справувањето со мерките за борба со коронавирусот, односно дали стравот е добар или лош сојузник во соочувањето со опасноста.
– Стравот е една од основните човечки емоции, содржан како елемент во нагонот за преживување. Стравот нѐ прави да бидеме претпазливи, да ја препознаеме опасноста и да се заштитиме. Дури и физички реагираме на стравот, односно телото се напрегнува како за борба со опасност – мускулите и сетилата се напрегнуваат. Но кога стравот ќе си ја заврши работата, односно кога ќе биде совладана опасноста – тој веќе не постои. И дотука, стравот е сојузник во соочувањето со опасноста, пред сѐ како предупредување. Но процените и решенијата за излез од одредена потенцијално опасна ситуација треба да ги носиме рационално – вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.
Во однос на резултатите од анкетата на „Галуп“, кои навидум покажуваат несериозност на Балканците во согледувањата на опасностите од коронавирусот, Стојановска-Јовановска смета дека тоа е резултат на постојаното живеење со страв во овој регион, односно дека подоцна се реагира на нови опасности, поради преокупираноста со веќе постојните животни предизвици.