По понудените решенија за одложување на кредитите, техничкиот премиер Оливер Спасовски вели дека чекаат да видат какви ќе бидат ефектите.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање не ја исклучи можноста од донесување на уредба за замрзнување на кредитите доколку банките го гледаат само својот интерес.
– Очекувам дека менаџментот на банките во овој момент нема да го гледа само сопствениот интерес и профит, дека малку ќе погледнат и кон граѓаните и кон државата. Секако, ако тоа не се случува и ако јас и државата не гледаме дека тие сакаат да бидат солидарни, тогаш уредбата со законска сила во секој момент може да биде донесена и да видиме што треба да направиме во банкарскиот систем – рече премиерот Спасовски.
Во разговори со Народната банка и до комерцијалните банки, Спасовски вели заеднички нашле механизми за одложување на кредитите.
– Банкарскиот систем е стабилен и тоа е многу важно во оваа криза, за секоја држава. Ние можеме да се пофалиме дека во регионот имаме еден од постабилните банкарски системи. Затоа преземаме мерки кои ќе го одржат тој банкарски систем стабилен на ова ниво кое што е денеска и кое може да биде за помош на државата и на граѓаните. Понудени се неколку решенија, очекуваме да видиме какви ќе бидат ефектите – рече Спасовски.
Дел од банките кај корисниците на нивните услуги испратија модел за одложување на кредитите до шест месеци, но сите известија дека за периодот во кој ќе бидат одолжени кредитите ќе се пресметува камата, иста како онаа во договорите.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, вчера извести дека каматите не можат да бидат простени или укинати токму поради одржување на стабилноста на банкарскиот систем.