Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, утрово направил тестирање за коронавирус и ги чека резултатите, а во меѓувреме чека насоки и препораки од епидемиолозите за потребата од негова изолација. Од кабинетот на Спасовски велат дека ќе ги почитуваат препораките. Спасовски претходно беше во Куманово заедно со директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која, пак, е заразена со коронавирусот.
– Ги чекаме насоките и препораките на епидемиолозите. Штом ги добиеме, ќе постапиме веднаш и во целост согласно протоколите, со избегнување и најмал ризик. Штом ги добиеме препораките од епидемиолозите, веднаш ќе ја известиме јавноста – велат од кабинетот на техничкиот премиер Спасовски.
Дека Спасовски направил тестирање, на прес-конференција објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој кажа и дека шест членови на органите на партијата се веќе во самоизолација, а двајца се позитивни на коронавирусот.
– Потпретседателот Мухамед Зекири и неговото семејство се позитивни на коронавирусот. Позитивна е и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која е дел од извршниот одбор на партијата. Согласно протоколите и здравствената превенција, во самоизолација се лицата кои имале контакт со нив, како што е потпретседателот Манчевски Дамјан, Мила Царовска, Марјан Забрчанец, Славјанка Петровска, кои ќе се тестираат овие денови. Премиерот Оливер Спасовски утрово правел тестирање, како и да одлучат здравствените власти, тие ќе бидат почитувани. Резултат ќе биде јавно објавен – рече Заев.