Ситните политички поени нема да допринесат за здравјето и животот на граѓаните, рече техничкиот премиер, Оливер Спасовски, по лидерската средба. Лидерите се договoриле дека политичките партии на дневна основа ќе добиваат информации од кризниот штаб, а усогласено е и водењето на политичката кампања. Запрашан дали е можно да се свика Собранието доколку има потреба од ребаланс на буџетот, Спасовски рече дека засега нема потреба од таква одлука.
 
– Здравјето и животот на граѓаните е над сѐ, но и грижата за економијата исто така. Има предвидено според Уставот во кои ситуации може да се повика Собранието, сега за сега нема потреба. Имаме стабилна фискална политика, меѓутоа, ако тоа биде потребно, треба да се стават сите институции на располагање. Ако здравјето е пред се, што е поважно од тоа сите да бидеме здрави? Цениме дека нема потреба да се носат такви одлуки – рече Спасовски.
 
Тој апелираше до граѓаните да не се создава паника и да се информираат од релевантни извори на информации. Спасовски кажа дека со сите политички партии се договориле постојано да се повикува на стопирање на пласирањето лажни вести.

– Апелирам и до граѓаните, одговорно однесување значи и да не ги преплавиме сите маркети и да бараме намирници, заради тоа што нема потреба од такво нешто. Едноставно, нормално и без никаква паника на соодветен начин да реагираме – рече Спасовски.

Пандемијата прогласена од СЗО, за Спасовски е уште една причина за поголема одговнорост и почитување на препораките од институциите.

– Сакам да ги уверам граѓаните дека институциите, односно МЗ има доволен број на заштитна опрема, маски, ракавици и друга опрема, тоа не треба да е прашање за загриженост – рече Спасовски.