Министерството за здравство реагира на дел од објавите и пренесените ставови во медиумите дека кинеската вакцина „Синовак“ „не штити од делта сојот“ и од тешка клиничка слика при разболување на вакцинираните со оваа вакцина.
– Ова тврдење е апсолутно неточно, нема ниту една студија или научен доказ кој ова го потврдува. Апелираме медиумите да не пласираат непроверени тези од поединци кои не се засновани на официјални информации од меѓународните здравствени институции. Досегашните анализи и официјални инофрмации на СЗО која ја одобри оваа вакцина, покажуваат дека истата е ефикасна 51% при заштита на асимптоматските случаи и штити 100% од развој на тешка форма на болеста. Согласно најновите две студии на СЗО спроведени во Бразил за ефикасноста на вакцината од новите соеви кои се во моментот во циркулација, потврдено е дека истата штити 50% во првата студија и 83% во втората студија – реагираат од Министерството за здравство.
Како што ќе има нови официјални студии и податоци за ефикасноста на вакцините, Министерството за здравство ќе ја информира јавноста, додаваат од оваа институција.
Ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран „делта“ сојот на SarsCov2 не е вакциниран за ковид-19, информира Министерството за здравство.
Oд таму додаваат дека по направените анкети со пациентите било утврдено дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани.
– Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на „делта“ сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој 8-9 дена откако појавил симптоми на ковид-19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација. Во моментов се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и возможно е да се утврди и кај нив присуство на индиски сој на вирусот – стои во писменото соопштение од министерството.
Министерството за здравство апелира до граѓаните за што помасовна вакцинација, како и придржување кон основните препораки за заштита од ковид-19.