По две лидерски средби без договор за терминот за одржување на изборите, впечатокот во јавноста е дека дипломатите во земјава темелно и внимателно ги следат случувањата, не пропуштајќи ја шансата да упатат и „добронамерни препораки“, кои лидерите, по обичај, ги толкуваат различно и во своја полза

КРЕАТИВНО ЧИТАЊЕ НА ПОРАКИТЕ НА СТРАНСКИТЕ АМБАСАДОРИ ОД СТРАНА НА ДОМАШНИТЕ ПОЛИТИЧКИ ЛИДЕРИ

Вообичаена практика во политичките разидувања во земјава, во низа изминати изборни циклуси, беше вклучувањето на меѓународниот фактор во улога на медијатор, па честопати и со директно клучна улога во решавањето на одредени состојби. Но, овој пат, по две лидерски средби без договор за терминот за одржување на изборите, впечатокот во јавноста е дека дипломатите во земјава се задржуваат само на набљудувачко следење на политичките договарања и на „добронамерни препораки“, кои лидерите по обичај ги толкуваат во своја полза.
И најновата изјава на амбасадорката на САД во Македонија, Мери Кејт Брнс, во контекст на одредувањето на денот за избори, се чини остава простор за „креативно читање“ од страна на лидерите.

– Од перспектива на САД, разумно е да се очекува избори да се одржат веднаш штом ќе дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благосостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори. Ние не предвидуваме нова политичка криза. Моментално има техничка влада. Оваа влада требаше да биде на власт во ограничен период пред да се одржат избори. Невидена меѓународна пандемија принуди одложување на оригиналниот датум сѐ додека условите дозволат изборите да се презакажат. Техничката влада има ограничен мандат и нема функционален парламент. Потребни се целосно овластена влада и функционален парламент веднаш штом ќе дозволат условите – вели американската амбасадорка.

Ваквата изјава лидерите на партиите ја толкуваат парцијално, според делот што им одговара на нивните позиции. Така, за лидерот на партијата на власт е важна пораката „потребни се целосно овластена влада и функционален парламент“, додека за лидерот на опозицијата е клучен делот „веднаш штом ќе дозволат условите“, односно „разумно е да се очекува избори да се одржат веднаш штом ќе дозволат условите, имајќи ги на ум здравјето и благосостојбата и на гласачите и на членовите на избирачките одбори“.
Политичките аналитичари проценуваат дека ваквата дипломатска реторика се користи кога дипломатите сметаат дека сѐ уште не е време тие да се вклучат во решавање на состојбите.

– Влијанието на странците (дипломатите) во Македонија било и останало клучно. Меѓутоа, тие не се мешаат, барем не јавно, кога работите не се заглавени. Неоспорно е дека тие имаат свои интереси, особено некои од нив, и истите тие ги бранат безобѕирно кога е во прашање Македонија. Секако дека не им е сеедно кога ќе се одржат изборите, бидејќи ги имаат сите анализи околу расположението на избирачите и не треба да имаме сомнеж за кого навиваат. Кога лидерот на владејачката партија инсистира на избори во јуни, тоа не е негова одлука, ниту став. Тоа е диктирано под маса и води сметка само за нечии интереси, а не за здравјето и расположението на народот – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.

Сѐ што било поврзано со изборните процеси досега имало директно и клучно влијание врз процените на ЕУ-дипломатите за подготвеноста на Македонија за вклучување во евроинтегративните процеси. Сега Македонија е извесен чекор понапред во евроинтеграциите, по зеленото светло од ЕУ за почнување преговори, но и понатаму претстои долг пат до првите конкретни чекори.
– Ние внимателно ги следиме дискусиите меѓу политичките лидери. Дискусиите треба да продолжат така што земјата може да организира избори и да продолжи да се справува целосно со последиците од кризата од ковид-19. Работата на рамката на преговорите не е поврзана со изборите. Во своите заклучоци од март, Советот ја покани Комисијата да достави предлог за рамка за преговори.

Деновиве комесарот Вархеи потврди дека рамковните преговори за Северна Македонија и Албанија ќе дојдат во јуни. Првата меѓувладина конференција треба да се свика што е можно поскоро по усвојувањето на рамката за преговори од страна на Советот – се вели во одговорот на Мисијата на ЕУ во Скопје, на прашањето на „Нова Македонија“ за влијанието на спроведувањето на претстојните избори во македонските евроинтеграции.
Домашните политички аналитичари се согласни дека пораките на странските амбасадори треба внимателно да се анализираат.
– Реалноста е дека странските дипломати во Македонија имаат влијание на случувањата поврзани со изборите, барем од изминатите изборни циклуси.

А не може да се игнорира и тоа дека најчесто заземаат одредена страна за поддршка. Но, во оваа ситуација, пред претстојните избори немам чувство дека дипломатите директно се вклучени со влијание во договорите за одржување на изборите, или дека застанале зад одредена политичка страна. Барем досега! Сепак, политички наивно е да се верува дека дипломатите немаат одредени контакти со партиите и дека не ги следат случувањата. Што се однесува до изјавите на дипломатските претставници, во политиката, па и во секојдневниот живот, кога некој ќе даде одговор што не може да се разбере – се вели дека тоа е дипломатски одговор. Во оваа фаза на партиско изборно договарање, очигледно дипломатите ценат дека можат да се задржат на тоа дипломатско ниво во пораките, односно дека сѐ уште постои простор за меѓупартиски договор – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.