Во период од 6 до 28 октомври на територијата на државата 45.621 граѓанин биле позитивни на ковид-19, од нив, како што соопшти Министерството за здравство, 27 отсто биле целосно вакцинирани, односно 12.375 лица.
Според последниот извештај од здравствените власти, голем е бројот на невакцинирани граѓани што се заразиле од коронавирус.
Министерството за здравство ја објавува анализата на вакцинирани од позитивни случаи на ковид-19 во периодот од 6 август заклучно со 28 октомври. За вакцинирани се сметаат лицата што се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза вакцина.
– Според статистиката за изминативе два месеца, 33.246 граѓани, односно 73 % од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 75 отсто, а само 25 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6.8 до 28.10.2021 на територијата на државата починале 1.592 пациенти од ковид-19, 1.310 од починатите, односно 82 отсто, не биле вакцинирани, а само 18 отсто, односно 282, примиле вакцина“, известуваат од Министерството.
Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини што ги има на располагање кај нас.
Министерството за здравство укажува на важноста од вакцинација, секоја вакцина што ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на Сарс-Ков2, велат од таму.