Министерот за здравство Венко Филипче денеска оствари средба со висока делегација од сојузната држава на САД, Вермонт, што ја предводи заменик-гувернерката Моли Греј, командантот на Националната гарда генерал-мајор Грегори Најт, кои се во официјална посета на нашата држава, на средбата присуствуваше и амбасадорката на САД во РСМ, Кејт Мери Брнз.
На состанокот стана збор за иницијатива за започнување соработка со Универзитетот „Вермонт“ во областа на медицината.
Министерот предложи да се обезбеди програма за едукација на нашите студенти од последна година на Медицински факултет на реномираниот Универзитет „Вермонт“ од Соединетите Американски Држави. Во насока на едукацијата, студентите би можеле да следат настава, а воедно и стручни лица од Универзитетот да доаѓаат во нашата држава и да реализираат обука на наши лекари и медицински лица.
Филипче ја поздрави големата поддршка и заложба на САД што нашата земја ја добива од почетокот на ковид-пандемијата и, како што истакна министерот, без таа поддршка невозможно ќе беше да успееме да управуваме со здравстевната криза на начин на кој го сторивме тоа.
Во рамки на бројните донации, како поддршка за справување со ковид-пандемијата, САД на нашата земја денеска ѝ донираа 400.000 долари за набавка на опрема за вакцинација и имунизација, за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.