Седумдесет лица во земјава до вчера попладне беа заразени со коронавирус, објави министерот за здравство Венко Филипче.
Откако утрото беше објавено дека се позитивни 67 лица, во текот на денот беа потврдени резултатите уште за три лица. Од трите нови лица, една пациентка била во Србија, позитивен е тестот на бабата на четиригодишното девојче што завчера беше дијагностицирано и уште еден пациент од Скопје.
Сега градови каде што има заболени од ковид-19 се Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид.
Пациентката од Дебар, која беше првозаболена, вчера беше во критична состојба, на респираторна машина.
Филипче кажа дека, заради поефикасен скрининг на населението, ќе се обединат капацитетите на двете лаборатории, од Центарот за јавно здравје и лабораторијата на приватната болница „Жан Митрев“ во Скопје.
До вчера беа направени 888 теста, а во Центарот имаше уште 1.400 теста.
Од понеделник ќе се прават тестови во скопските поликлиники „Чаир“ и „Јане Сандански“.