Граѓани смеат преку граница, но во својство на именувани функционери
Остри реакции во јавноста и на социјалните мрежи предизвика „олабавената“ мерка за отворањето на границите само за функционерите. Дали е тоа политички прагматична одлука или здравствено целисходна во контекст на функционерската фронтмен-борба против коронавирусот или, пак, е само граѓански дискриминирачка…
Функционерите отсекогаш привилегирани?
Граѓаните прашуваат зошто именувани и избрани функционери можат да патуваат во странство без да имаат обврска по враќањето да поминат 14 дена во изолација, како што е правило за сите други граѓани. Останува нејасно и какви се здравствените препораки за ваквата одлука, со оглед на тоа дека министерот Венко Филипче завчера кажа дека за отворање на границите комисијата не носела заклучоци. Дали ваквите одлуки може да придонесат за повторен увоз на вирусот или за увоз на вештини и нови методи за организација на институциите за ублажување на последиците од коронавирусот што како искуства се разменуваат на регионалните и меѓународните средби?
Откако одлуката предизвика реакции, Владата објаснува дека таа се однесува на патувања што се поврзани со потребата за борба против ковид-19.
Премиерот Оливер Спасовски посочи дека владината одлука за патувањето на избрани и именувани функционери во странство е за да се подготват протоколи за да можат да присуствуваат на настани што ќе се одржуваат во регионот што ќе се однесуваат на коронавирусот.
Посочи дека во оваа одлука нема никаква дискриминација, дека може да се прават приказни, но оти фактичката состојба се одлуките.
– Прво, нема никаква одлука дека нашите државјани не можат да ја напуштат земјата. Второ, одлуката за протоколите е да се подготват, за да можат функционерите да патуваат пред сѐ за одредени настани во регионот што ќе се однесуваат на коронавирусот – истакна Спасовски.
Тој посочи дека постои посебен протокол што предвидува каква заштитна опрема треба да носат при излегувањето, во текот на престојот таму и при враќањето.
– Се прецизираат точно утврдени протоколи што сѐ треба да се направи за да може да не бидат задржани во карантин, бидејќи одредени функции треба да се остваруваат и по враќањето – нагласи премиерот.
И за функционерите важат препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести
Според одлуката на Владата, им се дозволува патување во странство на избрани и именувани лица во странски држави со почитување на препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести, за одржување на потребното растојание, носење лична заштитна опрема, заради координации и други работни активности, поврзани со мерките за ковид-19, како и поради други итни причини што не трпат одложување без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во државата.
Останува во сила одлуката со која сите државјани на државата, при враќањето од странство од земјите што се со висок, среден или низок ризик, ќе бидат спроведени во државен карантин, каде што треба да останат по 14 дена. Објектите каде што ќе се спроведува државниот карантин ги чуваат полицијата и армијата.
Аналитичарот Сашо Клековски посочува дека не е доволно јасно дали одредбата е поврзана и ќе важи за сите функционери или само за оние што мора да присуствуваат на настани или случувања поврзани со справување со пандемијата.
Исклучоци сепак постојат
– Можен е исклучок на патувања на одредени функционери ако се работи за решавање и присуство за есенцијални прашања, како на пример поврзани со Светската банка или Светската здравствена организација. Сепак, некои есенцијални бизниси во светот не престанаа да функционираат. Нејасно е како ќе биде направено тоа, со оглед што во моментот сите гранични премини со нашите соседи се затворени – посочува аналитичарот Сашо Клековски.
Универзитетскиот професор Димитар Апасиев употреби „тешка реторичка артилерија“ на својот фејсбук-профил, критикувајќи ги мерките со кои се дозволи избрани и именувани лица, претставници на институциите на државата, да можат да патуваат во други држави, повикувајќи се на Уставот.
– Функционери на СДС на „Нашата Земја“ ја проширија короната баш со вакви потези, и сега – сите у карантин, само функционерите не!? Они имаат плава крв, нив вирус не ги фаќа. Ало, Уставен – се слушаме!? Ако ова не е пример за дискриминација врз основа на општествена положба, ондак не знам што е? За платите кога ви ги чачнаа, експресно поведовте постапка и времена мерка. Е па, истата експедитивност народот ја очекува и сега!
П. С. „Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба“. (чл. 54, ст. 3 од Уставот) – истакна Апасиев.
Свесно прифаќање одредени ризици
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека тоа е свесно прифаќање одредени ризици, затоа што ниедна држава не може да си дозволи, по секое патување, своите функционери да ги држи во двонеделна изолација.
– Во вакви ситуации задолжително треба да биде стриктно почитување на мерките за лична заштита, пред сѐ носењето маска. Во носењето маски (и миењето раце и физичката дистанца) е тајната на решавање на епидемијата -посочи епидемиологот Даниловски.
Инаку, Србија најави дека ќе ги крене граничните рампи од 1 јуни годинава со Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.
Српскиот епидемиолог Предраг Кон посочи дека посетите во Србија за граѓаните од соседството остануваат без посебни процедури, но не и за од другите земји.
– Странци што ќе сакаат да ја посетат Србија ќе мораат да приложат и одобрение од владината комисија, а тоа ќе се добива во српските амбасади, а покрај тоа ќе треба да поседуваат и тест за коронавирус не постар од 72 часа. И нашите граѓани што се враќаат во земјата мораат да имаат тест, ако го поседуваат, не мораат да заминат 14 дена во самоизолација, ако го немаат, ќе мораат да ја почитуваат оваа мерка – нагласил Кон.
Границите во Европа ќе бидат затворени до 15 јуни годинава и сѐ уште не е постигнат договор како ќе се патува во земјите од ЕУ.