Петстотини илјади дози од кинеската вакцина „Синовак“ денеска ќе бидат дистрибуирани во сите центри низ државава, со што планирано е помеѓу 10.000-15.000 дози да се аплицираат како прва доза во следните две до три недели.
Претседателката на Националниот комитетот за имунизација, Александра Грозданова, објасни дека кинеските вакцини „Синовак“ и „Синофарм“ претставуваат класични вакцини каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната.
Оттука, вели, Грозданова кај широката популација можеби се доживува како една од најбезбедните платформи во однос на новите вакцини како што беа РНА вакцините. Во однос на возраста на којашто се дава, Грозданова рече дека нема ограничување и дека во Кина се аплицира и кај деца над 3 возраст, а во нашиот случај ќе се користи над 18 години и без ограничување на возраста кај возрасните лица.
Вакцината се препорачува кај доилки и трудници за разлика од руската „спутник“ која што е јасно контраиндицирана за трудници и доилки.
– Вакцината е доста безбедна и ефикасноста се движи помеѓу 56 и 78%. Истата е препорачана од страна на СЗО и веќе неколку земји во светот ја користат. Очекуваме и интересот на граѓаните особено по појавувањето на делта сојот односно индискиот сој да се зголеми. Втората доза се дава помеѓу 14 и 28 дена и во нашите протоколи ќе биде избран 21 ден односно на три недели ќе се аплицира втората доза – кажа Грозданова.
Додаде дека прележувањето на ковид -19 обезбедува имунитет најмалку од шест па и девет месеци па оттука на лицата коишто ја прележале болеста им се препорачува вакцинација најрано три месеци по прележувањето односно по комплетното нивно оздравување.