Од денес во Битола, почна тестирањето со брзи тестови за ковид-19, во новата ковид-амбуланта во урбаната заедница „Панде Кајзеро“.
На барање на градоначалничката Наташа Петровска, после донесувањето на одлуката од Советот на општина Битола, локалната самоуправа ја уреди внатрешноста на објектот на урбаната заедница, согласно потребите на Центарот за јавно здравје и на граѓаните. Дополнително, општина Битола на Центарот за јавно здравје му донираше 20.000 евра за 2.000 брзите тестирања кои ќе се работат во објектот. Пунктот ќе работи од 12.00 до 16.30 часот, секој работен ден.
– Од денес и официјално се отвора новиот пункт за брзи антигенски тестови за докажување на Сарс Ков-2 вирусот. Благодарение на поддршката од општина Битола и градоначалничката, овој простор е реновиран и навистина адаптиран за нашите потреби. Исто така, се донирани и околу 2.000 брзи тестови за Сарс-Ков-2. Барем во овој период, сметаме дека 30 тестови дневно од брзите, ќе бидат сосема доволни, за да се задоволат потребите на граѓаните на Битола, затоа што уште 30 тестови се работат во Здравствен дом и околу 50-70 работиме PCR тестови. Доколку има потреба, ние оваа бројка можеме да ја зголемиме, според потребите на граѓаните – изјави директорката на Центарот за јавно здравје, Елизабета Крстева.
Во Битола во последната недела, бројот на позитивни лица е значително намален.
– Како ќе се движат бројките, зависи од тоа колку ќе ги почитуваме препораките. Доколку се почитуваат препораките, секако дека овој тренд би го задржале. Меѓутоа, доколку се опуштиме, затоа што бројките се релативно ниски, тогаш навистина ќе ни се случи тој трет бран и ќе се вратиме на бројките што ги имавме на крајот на ноември и почетокот на декември. Не би сакала тоа да се случи и затоа апелирам, празниците, сите граѓани да ги дочекаат, достоинствено, во кругот на своите семејства, без групирање и со почитување на сите и досега препорачани мерки за заштита – вели директорката, Елизабета Крстева.
Со цел поддршка на здравствените работници во борбата со ковид-19 и помош на граѓаните за полесно надминување на состојбата, општина Битола во изминатиот период донираше 80.000 евра, а заедно со јавните претпријатија го подготви и теренот за поставување на модуларната болница.
М.М.