Од Министерството за здравство информираат дека во денешната статистика за ковид-19 на Институтот за јавно здравје ќе биде заведено и двегодишното дете кое починало на Клиниката за детска хирургија во Скопје.
Како што информираат од ресорното министерство, станува збор за дете кое имало долга историја на болести, а од страна на згрижувачко семејство во тешка состојба било донесено на Клиниката, каде и покрај напорите на лекарите да го спасат, починало.
– Се работи за дете кое имало неколку тешки заболувања, пред една година врз малиот пациент биле направени повеќе операции, тоа имало тумор на мозок, хидроцефулус, вродена непроодност на цревата за што се направени повеќе хируршки интервенции. Детето имало и проблеми со срцевиот ритам, застој во растот, проблеми со дишењето. Пред пет дена детето 15 минути пред полноќ изгладнето и дехидрирано било донесено на Клиниката за детска хирургија.
Од згрижувачкото семејство на лекарите и медицинскиот персонал не им биле дадени никакви информации за здравствената состојба на детето. Немало температура, но било малаксано, дехидрирано и слабо реагирало на дразби. Поради критичната состојба, лекарите веднаш пристапиле кон интензивно лекување. Лабораториските анализи покажале анемија и влошени параметри како последица на болестите кои ги имало.
И покрај сета дадена терапија, состојбата на детето се влошувала. Поради ковид-протоколите, на малиот пациент му бил направен ковид-тест и истиот бил позитивен – се наведува во соопштението, во кое се додава дека обидите на лекарите, за жал, не вродиле со позитивен исход.