Драстичен нов пораст на новозаболени од ковид-19 по олабавувањето на мерките е забележан во Франција и во Германија, поради што германската канцеларка имаше вонредно обраќање до нацијата
Иако СЗО и епидемиолозите предупредуваат на можен втор бран на ковид-19
Политичките и бизнис-интересите се главните фактори што го прават најголемиот притисок за брзо олабавување на рестриктивните мерки воведени за да се спречи ширење на ковид-19, без да се следат препораките на епидемиолозите, кои апелираат за внимателно ублажување на мерките за да не дојде до појава на втор бран.
Србија ја укина вонредната состојба иако до пред само еден месец српскиот претседател Александар Вучиќ драматично ја молеше дијаспората да не се враќа во земјата, оти тоа би претставувало „крај за Србија“. Слично беше и во другите балкански држави, кои веднаш по претходно претпоставениот пик побрзаа со ублажување на мерките за изолација што доведе до нов пораст на бројот на заболени.
Драстичен нов пораст на заболени од ковид-19 по олабавувањето на мерките е забележан и во Франција и во Германија, поради што германската канцеларка имаше вонредно обраќање до нацијата.
– Граѓаните на Германија ќе мораат да ги почитуваат мерките за физичко дистанцирање и да носат заштита преку устата и носот и по ублажувањето на рестриктивните мерки – порача Меркел, без вообичаената смиреност што обично ја има при обраќањата.
Ништо подобра не е ситуацијата ниту во Македонија, каде што по поминувањето на предвидениот пик некаде по 20 април, некои од рестриктивните мерки беа ублажени што резултира со ново зголемување на бројот на заболените по првомајските празници.
Партиите веќе ја започнаа воинствената партиска реторика подготвувајќи се за избори, а во јавноста повторно протекоа таканаречените бомби, кои обично се активираат во секое предизборие последните години.
Притиска и бизнис-секторот, кој веќе трпи огромни штети поради рестриктивните мерки и бара што поскоро нормализирање на состојбите.
Згора на тоа, и верските заедници почнуваат да држат служби со верници поради што се очекува поголема концентрација на луѓе и зголемување на можноста за дополнително ширење на вирусот.
Во една таква ситуација се поставува прашањето дали сите тие притисоци ќе влијаат врз носењето на уште поблаги рестриктивни мерки во претстојниот период без да се отстрани целосно здравствената закана, што од друга страна може да доведе до појава на втор бран на вирусот, на што подолго време предупредуваат и СЗО и светските епидемиолози.
– Чудна ми е целата ситуација. Најпрво велеа дека пикот на заразата ќе биде кон крајот на април, а еве сега по нецели дваесетина дена партииве се подготвуваат за избори, ќе се отвораат кафеаните, некои планираат да одат на море, како ништо да не било. Ако беше толку драматична ситуацијата како што ја опишуваа, тогаш не треба толку лесно да се ублажуваат мерките во краток рок, туку некако да се приспособат за да може и општеството да функционира, но и епидемијата да не ескалира повторно. Ако, пак, нè лажеле, тогаш не знам зошто е направена толкава штета – вели Богдан Стојановски, пензионер од Скопје.
Некои од аналитичарите сметаат дека политичките елити влијаат врз донесувањето на одлуките за ублажување на мерките за да им се додворат на одредени центри на моќ и, се разбира, на своите гласачи, без да водат сметка за реалната закана.
– Се работи за влијанието на политиката наспроти науката, а тоа влијание доаѓа од желбата да им се угоди на граѓаните. Во светот, но и кај нас, се јави општа нетрпеливост кон рестриктивните мерки, па владите се решаваат да им излезат во пресрет на граѓаните и да ги ублажуваат мерките без да се отстрани опасноста. Тоа се случи на Велигден и на 1 Мај, по што дојде до зголемување на бројот на новозаболени – вели политичкиот аналитичар Јове Кекеновски.
Македонските здравствени власти најавуваат дека внимателно ја следат ситуацијата и постапуваат според препораките на СЗО, истовремено повторувајќи ги апелите до граѓаните да се почитуваат актуелните мерки за заштита за да се спречи ширење на вирусот.