Во Битола деновиве расте бројот на позитивните на ковид-19. Денеска од Министерството за здравство соопштија дека во Битола има осум нови случаи позитивни на ковид-19, колку што немаше кога беше пикот на пандемијата.

И покрај тоа што Битола според бројот на вакцинирани лица од над 30.000 граѓани е во самиот врв на државата, сепак изминативе денови се зголемува бројот на заразени лица. Инфективното одделение во Клиничката болница, кое бидејќи беше празно, почна да се реновира, повторно се полни со пацинети. На што се должи ваквото зголемување на бројот на заразени лица во Битола засега од официјалните органи нема одговор. Но упатените велат дека тоа се должи на непочитувањето на мерките и бројните концерти, забави и свадби, кои секојдневно се прават во Битола, а некогаш во денот има по неколку забави или концерти.

Тоа што загрижува е што на концертите не се почитуваат мерките и пропишаните протоколи па присуствуваат многу повеќе гости отколку што е препорачано. Иако инспекциските органи тоа го гледаат, тие не преземаат никакви мерки ситуацијата да се спречи или санкционира. Колку Битола стана атрактивна за српските пеачи најдобра потврда е што досега на Хераклеја концерти одржаа речиси сите познати српски ѕвезди: Бајага и инстрктори, Хари Мати хари, Сергеј Четковиќ, Аки Ракимовски, Дадо Топиќ, а во Битола гостуваше и Лепа Брена, која настапи во новотворениот ноќен клуб.

За тоа каква е состојбата со одржувањето на концертите најдобро зборува што продукцијата „Авалон продукција“ дури ги откажа за наесен концертите закажани во Битола.

Во договор со менаџментот на изведувачите, „Авалон“ одлучи следните проекти, концертите на Данијела Мартиновиќ и Ван Гог во Охрид и во Битола наместо овој викенд, да ги префрли во Скопје, за доцна есен. Причината за оваа одлука е неверојатната хиперпродукција на концерти во Охрид и во Битола од една страна (досега незапамтена, дури и по неколку во исти денови) и апсолутно немање на никакви концертни настани во главниот град.

Слично во Битола беше и минатата година кога надвор од протоколите на Хераклеја се одржаа бројни концерти на кои имаше многу повеќе публика отколку што беше капацитетот на Хераклеја.

М.М.