Одредени угостители со понижување се однесувале кон инспекторите од Пазарниот инспекторат велејќи им „eдуцирајте нè и напуштете го локалот“, посочи директорот Стојко Пауновски, според кого, сопственици на кафетерии и кафеани се однесувале како да нема вирус и како да нема пандемија.
Тој го осуди ваквото однесување и потенцираше дека од сега, секаде каде ќе се затекне прекршување на протоколот, ќе се казнува.
„За жал, на одреден број на субјекти кои не ги почитуваа во целост мерките, односно сите точки од протоколот, ние како Државен пазарен инспекторат мора да излеземе и секаде каде ќе констатираме нарушување и непочитување на протоколите кои што се изречени, ние ќе бидеме приморани да казнуваме согласно членовите 205 и 206. Од она што ние го забележавме на терен, секако дека совеста и свеста на нашите приредувачи на угостителски услуги, односно најголемиот дел од сопствениците на кафетериите и сопствениците на угостителските објекти, се придржуваа на процедурите. Меѓутоа, она што го затекнавме на терен при вршењето на надзор, наместо излегување од вонредна состојба и олеснување на мерките, мислеа дека комплетно сме ослободени од вирусот и дека можат да се однесуваат како што се однесувале пред пандемијата. За жал, морам да искажам огромно разочарување од однесувањето на самите угостители и оние кои ги посетуваат тие угостителски објекти. Инспекторите во објектите каде што требаше да вршат едукација за примена на протоколите, наидуваа на едноставно, понижување, едуцирајте нè и напуштете го локалот. Крајно неодговорно од страна на сопствениците и лицата кои присуствуваа во нив – кажа Пауновски.