Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на прес-конференција направи пресек на досегашната распределбата на странската помош наменета за нашата земја за полесно справување со ковид-19.
– Со големо задоволство сакам да потврдам дека од страна на Норвешка е потврдено пристигнување на ветените 20 респиратори на 15 мај, што е одлична вест затоа што кризата најмногу ја отежни набавката на овие машини, кои значително придонесуваат во формирањето на севкупниот капацитет на здравствениот систем во справувањето со ковид-19, 10 респираторни машини преку УНДП се веќе пристигнати, а по истата линија се очекуваат уште 10 вакви машини до средината на овој месец и уште 30 до крајот на месецот. Ако на тоа се додадат и 20 респиратори, кои се очекуваат од ЕУ, вкупната бројка на дополнителни респиратори се искачува на 90. Сето ова ќе придонесе за зајакнување на потенцијалот и капацитетот на здравствениот систем не само за сегашниот предизвик со ковид-19 туку и за понатаму за задоволување на редовните потреби – истакна Османи.
Тој изрази благодарност до сите донатори за нивната помош и поддршка во ова исклучително тешко време за сите.
Османи посочи на помошта од САД во висина од 1,1 милион долари, на помошта од Норвешка во висина од 700 илјади евра, на помошта од Чешка во износ од еден милион маски, на помошта од Словенија во висина 110 илјади евра, на помошта од Германија во износ од 40 илјади евра, на помошта од Унгарија во износ од 100 илјади заштитни маски и 5 илјади заштитни костими, на помошта од Кина, која обезбеди над пет илјади теста, кои пристигнаа заедно со многубројна заштитна опрема – над 10 илјади заштитни костими, 10 илјади чифта ракавици, 10 илјади очила, над 20 илјади маски, на помошта од Турција, која донира над 50 илјади заштитни маски, илјада заштитни костими, но и илјада теста, како и на помошта што пристигна од агенциите на Обединетите нации, како УНИЦЕФ, УНДП, УНОПС, кои не само што обезбедија поддршка во вид на донации туку и целосно се ставени на располагање на поголемите донатори за имплементација на нивните донации.