Во Општина Куманово денеска се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со преземање на активности и мерки од ширење на коронавирусот. Најпрво се бара од владата за издвојување на Општина Куманово и нејзината територија од рамката на општите мерки, кои важат за севкупната територија на државата, со дополнителна 14-дневна, 24-часовна изолација (карантин во посебни услови) кој ќе важи од петок, 17.04.2020, и ќе трае до понеделник, 04.05.2020 година.
Под посебни мерки коишто треба да важат во овие услови се:
1.Дозволи за движење на лица коишто се професионално ангажирани во институциите и стопанството.
2.Пунктови за контролирање на влез и излез во и вон градот, со дополнителна дезинфекција на возила и патници кои влегуваат на територијата на Општина Куманово.
3.Превентивни епидемиолошки мерки за дезинфекција на зафатените подрачја во градот, задолжителни за влез и излез на подрачјето на Општина Куманово.
4.Обезбедување на транспорт со намирници, енергетски и други потреби на Општина Куманово и институциите кои се вклучени во дејствијата против епидемијата со ковид-19 на територијата на Општина Куманово.
5.Непречено обезбедување на амбулантна достава на храна до домаќинствата, во период на карантин и вклучување на поголем број на трговски оператори во постапката со претходно издадена дозвола од ОШЗС.
6.Разработување на Одлуката на Владата на РСМ за мерки за земјоделците и сточарите и други стопански субјекти за непречено вршење на активности во период на карантин.
7.Обезбедување на дополнителни човечки ресурси во здравството за непречено функционирање на Општа болница – Куманово.
8.Зајакнување на капацитетите на епидемиолошката служба со дополнителни човечки ресурси, како одговор на потребите, во зависност од епидемиолошката состојба.
9.Дефинирање на начин и постапка на одлагање на комунален отпад на домаќинствата во кои има позитивни случаи на ковид-19.
10.Обезбедување на дополнителни количини на лична заштитна опрема на граѓаните на Општина Куманово и воведување мерка за задолжително носење маски и ракавици за сите лица на отворен простор.
11.Вклучување на Меѓуопштински центар за социјални работи за активно следење на состојбата на лица со посебни потреби и укажување помош на социјално најранливи семејства во градот со континуирано снабдување со храна, средства за хигиена и заштитна опрема во периодот на карантин
12.Воспоставување на континуиран медицински процес и процес на континуирана контрола на нови лица, бегалци влезени или фатени во процес на криумчарење, а се или ќе бидат предмет на сместување во ТПЦ Табановце – Куманово, нивна изолација или евентуален карантин.
Оттаму бараат од Министерство за здравство, Комисија за заразни болести и ИЈЗ- Скопје да дадат приоритет на тестовите за сите земени брисeви на територијата на Општина Куманово за здравствените работници и воедно благовремено да го информираат ЦЈЗ – Куманово за позитивни и негативни резултати од тестовите, поради фактот дека за поголемиот број брисови коишто се испратени за анализа, не се добиваат резултати навремено, со што сметаме дека се креира нереална епидемиолошка слика во Општина Куманово.
Исто така се апелира до Црвен крст и други хуманитарни и невладини организации и здруженија кои се во соработка и координација со ОШЗС, да диструбуираат дополнителна помош за граѓаните на Општина Куманово за време на карантинот.