Имајќи ја предвид состојбата со пандемијата на коронавирусот, општина Прилеп продолжува со нови сет-мерки за заштита и превенција на граѓаните. Од денеска, како што псоочи на денешната прес-конференција градоначалникот Илија Јованоски, се воведува телефонска линија со бројот 048 401 700 на која стари и изнемоштени лица, повозрасни лица, хронични болни и лица со посебни потреби секој ден од 8 до 18 часот ќе можат да побараат помош за набавка и достава на храна, лекови, средства за лична хигиена и дезинфекција.
– Акредитирани волонтери во пет екипи, опремени со заштитна опрема, по телефонскиот повик ќе ги посетат граѓаните и ќе им ја завршат услугата. Паралелно реаботиме на нова бесплатна телефонска линија. Целта ни е заштита на оваа категорија граѓани, а притоа со ова се придонесува да се намали движењето. Апелираме граѓаните кои не спаѓаат во оваа категорија да не ја злоупотребуваат линијата – рече градоначалникот Јованоски.
Тој побара сите продавници да се подготват за онлајн достава на намирници и ги повика јавно стопанствениците од градот да им излезат во пресрет на социјално загрозените семејства со донирање на прехранбени артикли и средства за дезинфекција. Јованоски ги повика и невладините организации да понудат помош и да се вклучат во активностите за заштита и превенција, а граѓаните да бидат совесни и и да ги почитуваат мерките за заштита на себеси и на другите граѓани.
Инаку, мерките донесени на петочниот состанок на кризниот штаб вродиле плод. Одлично се спроведува контролата на двата влеза на градот од Пласница и Долнени на сообраќајната полиција, а во градот се почитува и мерката за затворање на сите објекти и ресторани.
Ка.М.