Забраната за движење за граѓаните ќе почне денеска во 16 часот и ќе трае до понеделник до 5 часот наутро, со што низ целата територија ќе настапи карантин во времетраење од 61 час.
Согласно новите владини мерки против ширењето на коронавирусот, кои беа донесени оваа недела, за време на викендот целосно се забранува движењето за сите граѓани.
За време на ограничувањето на движење нема да се санкционираат лицата што пријавуваат кривично дело. Министерството за внатрешни работи извести дека граѓаните кои сакаат да пријавата кривично дело тоа треба да го сторат на бесплатниот телефонски број 192 или во најблиската полициска станица и за тоа не им е потребна посебна дозвола.
Тие непречено можат да се движат до најблиската полициска станица. Истото важи и за граѓаните на кои поради извршено насилство или друго кривилно дело им е потребна помош во здравствена установа, значи за тоа не е потребна посебна дозвола.
Дополнително со новите мерки, од понеделник до петок, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето освен во периодот од 13 до 15 часот. За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот. Во работните денови, од средата стапи на сила полицискиот час секој ден од 16 часот.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници. Аптеките работат непречено.