Министерството за здравство ја информира јавноста дека почнувајќи од 12 јули вакцинацијата на граѓаните ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови од здравствените домови и болниците во државата, а во спортските сали ќе се одвива масовна ревакцинација.
Почнувајќи од 12 јули секој граѓанин ќе може да се вакцинира без разлика дали е пријавен или не се пријавил на веб-страницата вакцинација.мк. Секој што сака да се вакцинира истото ќе може да го направи без закажан термин, а паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на вакцинација.мк.
Се подготвува теренската вакцинација
До петок здравствените домови каде што досега се вршеше вакцинација ќе треба да изготват план за теренска вакцинација – со комбе ќе се оди во селата и во руралните средини а граѓаните кои досега не биле во можност да се вакцинираат против ковид-19, ќе можат да примат вакцина на лице место.
Претходно, жителите на руралните средини ќе бидат информирани кој ден и на кое место ќе се врши вакцинацијата.
При теренската вакцинација најверојатно ќе се аплицира кинеската вакцина „Синовак“. На пунктовите за вакцинација пак, на располагање освен „Синовак“ се и вакцините „Фајзер“ и „Астра зенека“, а се очекува да пристигне и руската „спутник В“.