КАКО ЌЕ СЕ НАДОМЕСТИ МАТЕРИЈАЛОТ ШТО ГО ПРОПУШТААТ УЧЕНИЦИТЕ
Основците и средношколците веќе четири дена не одат на настава по одлуката училиштата да бидат затворени, како една од мерките за заштита од коронавирусот. Материјалот што треба да биде предаден и усвоен и врз основа на кој учениците треба да бидат оценети, нема да се предава преку онлајн-настава, по примерот на европските земји што функционираат на тој начин, туку едукативни содржини ќе се емитуваат само на телевизија.
За оваа цел министерот за образование и наука Арбер Адеми се договори денеска со претставници на Македонската телевизија, секој ден да се емитува воспитно-образовна програма наменета за деца во предучилишна возраст и за ученици во основното образование, во периодот додека училиштата и детските градинки се затворени.
– Планирано е да се групира тим од наставници, кои ги повикуваме да се пријават и да споделат идеи за едукативна настава. Со детали околу тоа што ќе се емитува ќе излеземе дополнително идната недела – рече кратко Адеми.
Предавањата од наставниците би оделе во програма во живо. Во текот на секој работен ден ќе има едукативни содржини презентирани од наставници. За децата од предучилишна возраст ќе се емитуваат басни и бајки, а за децата од прво до деветто одделение ќе има материја во согласност со наставната програма.
Кај нас засега нема план за воведување онлајн-настава на територија на целата држава, иако во многу држави ова функционира. Во Турција, властите ќе обезбедат бесплатен интернет за да можат учениците да ја следат услугата на министерството. Во оваа држава се воведува онлајн-настава од 24 март. Министерот за образование Зија Селчук изјави дека со системот за онлајн-настава, кој ќе биде бесплатен и претставен од националното Министерство за образование, Турција е подготвена да стане земја-модел со телевизиска и наставна интернет-програма и план, подготвени првпат во светот на национално ниво.
Телевизиската настава не е нешто ново, таа освен во Турција, функционира веќе во Хрватска, како и во други земји. Образовните власти во Хрватска во последните неколку дена се подготвуваат за онлајн-настава која, е соодветна замена на редовната настава.