На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера биле вакцинирани вкупно 428.081 граѓани, информира Министерството за здравство. Прва доза вакцина вчера примиле 6.413 граѓани, а се вакцинирале вкупно 9.335 граѓани. Во државата се аплицирани вкупно 676.620 дози вакцини, а ревакцинирани се 248.539 граѓани.
– Со последните бројки 56 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 53 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 49 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина – велат од здравство.
Здравствените власти додаваат дека интересот за вакцинација без закажан термин е голем. Според последните информации од таму со прва доза и без закажан термин се вакцинираат возрасни лица што сакаат да се вакцинираат, во пунктовите во Здравствените домови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 арена, СЦ Борис Трајковски во Скопје, додаваат од здравство.
Вчера министерот за здравство Венко Филипче најави дека вакцинацијата на децата ќе започне од петок откако родителите претходно ќе направат термин онлајн. Првиот ден од вакцинацијата без закажан термин според медиумите, го одбележаа гужви и турканици на пунктовите за масовна вакцинација. Имаше и информации за инциденти меѓу граѓаните, за кои министерот Филипче рече дека не е запознаен и дека гужвите пред пунктовите за вакцинација според него се резултат на желбата на граѓаните за побрзо да го завршат процесот во раните утрински часови со цел да ги избегнат горештините во текот на денот.
И Филипче, вчера потврди дека е голем интересот за вакцинација без закажан термин.
Во Скопје вакцинирање без закажан тремин има во Поликлиниките Јане Сандански, Букурешт и Чаир, како и во новоотворениот вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари. Во спортските сали се врши масовна ревакцинација.
Во меѓувреме започна и теренска вакцинација против Ковид-19. Процесот е организиран од здравствените домови од секој град, а ќе се одвива без прекин со веќе направен распоред.Филипче, најави дека нема да се оди само еднаш во некое оддалечено населено место, со што значајно се олеснува пристапот на сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, информираа од Министерството за здравство.