Министерството за труд и социјална политика во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, подготви кампања за превенција и заштита од семејно насилство во вонредна состојба на пандемија, преку која жртвите на семејно насилство и јавноста се информираат за препознавање на формите на семејно насилство, каде да се обратат и да пријават за помош и кои се постоечките сервиси за заштита на жртвите на семејно насилство.
– Тргнувајќи од уставните определби за заштита на основните човекови права и слободи и почитувајќи ги општоприфатените норми на меѓународното право за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство, Владата на Република Северна Македонија и во вонредна состојба обезбедува целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус ЦОВИД- 19 и ги потврдува заложбите за преземање на сите неопходни мерки за заштита на жртвите на семејно насилство – велат од МТСП.
Семејното насилство е кривично дело. Секој има право да го живее сопствениот живот безбедно и во согласност со своите потреби. Затоа Министерството за труд и социјална политика ги охрабрува жртвите на семејно насилство, но и сите граѓани кои се сведоци или имат сознанија за насилство, да го пријават на СОС линиите, во најблиската полициска станица, центарот за социјална работа или здравствена установа, за да можат стручните лица да постапат и да ги заштитат од сторителот на семејното насилство.