Министерството за труд и социјална политика информира дека граѓаните со прекин на работен однос, имаат право на паричен надоместок во висина од 50 отсто од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци. Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато, или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци, пред престанокот на работниот однос.
Надоместокот се исплатува согласно годините работен стаж. На пример, паричен надоместок се исплатува еден месец, ако лицето има стаж на осигурување најмалку 9 месеци во непрекинато траење или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци. Ако лицето има стаж од 10 до 12 и пол години, надоместокот се исплатува шест месеци, а доколку има стаж над 25 години – 12 месеци.
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот и изнесува 50 отсто од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци. Паричниот надоместок не може да изнесува повеќе од 80 отсто од просечната месечна нето плата по работник во Републиката објавена за последниот месец.
Граѓаните што останале без работа поднесуваат барање во Центарот за вработување во местото на живеење, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос.