Македонија веќе има нарачано респиратори, но поради блокадите на границите низ светот, тие сè уште не можат да пристигнат / Фото: Игор Бансколиев

Македонија има погони во кои се произведуваат делови за автомобилската индустрија, има и високотехнолошки компании што своевремено произведуваа и делови за американска НАСА, постои и Фонд за иновации, кој ги помага токму ваквите иновативни решенија, па со право се наметнува дилемата дали земјава може да почне и со производство на апарати за дишење, кои се сметаат за неопходни во справувањето со пандемијата на ковид-19

Кризните состојби бараат брза реакција

Во време кога респираторите станаа насушна потреба на секоја земја во справувањето со пандемијата на ковид-19, набавката на оваа опрема стана речиси невозможна, па повеќето земји се насочија кон сопствените ресурси за да почнат сами да ги произведуваат овие неопходни машини.

Македонија веќе има нарачано респиратори, но поради блокадите на границите низ светот, тие сè уште не можат да пристигнат, иако министерот за здравство Венко Филипче најави дека пикот на заразата во земјава се очекува на крајот на април, така што поголемиот број респиратори би биле добредојдени во насока на спасување што повеќе животи. Поради тоа се поставува прашањето дали земјава има капацитети сама да произведе респиратори и да ги дополни своите потреби.

И другите земји се соочуваат со истиот проблем, па добар дел од нив ги преориентира примарните производства и почнува да произведува респиратори. Автомобилската индустрија во светот, на пример, наместо автомобилски делови, почна да произведува респиратори, а Израел отиде и дотаму што дел од воената индустрија за производство на ракети пренамени за производство на респиратори. Во соседна Србија, пак, тим од 14 тамошни стручњаци веќе 15 дена работи врз првиот српски респиратор што ќе се користи за лекување на заболените од коронавирусот, а проектот е поддржан од тамошниот Фонд за иновациска дејност.

Македонија има погони во кои се произведуваат делови за автомобилската индустрија, има и високотехнолошки компании што своевремено произведуваа и делови за американска НАСА, постои и Фонд за иновации, кој ги помага токму ваквите иновативни решенија, па со право се наметнува дилемата дали земјава може да почне и со производство на респиратори.
– Објективно, Македонија може да произведе респиратор, но реално нема капацитет да го направи тоа. Ние тоа не можеме брзо да го произведеме, едноставно не сме систем во кој нешто може да профункционира, особено не во вакви ургентни услови – вели бизнисмен од областа на технологијата, кој посака да остане анонимен.
Според него, не е проблем да се произведе респираторот кај нас, проблем е пласманот.

– Еве, и да го произведеме, но што потоа? Кризата со коронавирусот ќе заврши за два-три месеца и потоа каде ќе се пласираат тие респиратори? Македонскиот пазар е мал и нема економска исплатливост од таквото производство. Од друга страна, Србија започна да произведува респиратори, но станува збор за голем пазар, поголема индустрија. Згора на тоа, можат да извезуваат и во Република Српска, така што кај нив има оправданост за ваков проект. За кај нас, лично сум скептик. Некој треба финансиски да го поддржи тоа, а потоа и да гарантира пласман на производите барем извесен период за да има исплатливост – додава бизнисменот со кој се консултиравме.
Тој нагласува дека на времето „МЗТ Скопје“ имал капацитети за вакво производство, но дека сега целата таа индустрија е уништена и нефункционална.
Сличен став имаат и некои од инженерите со кои се консултиравме.

– Не е никаков проблем да се произведе респиратор во земјава. Во основа, тоа е една мала пумпа. Треба само да се седне, да се разработат шемите и да се нарачаат делови, но сега тоа би било проблем, бидејќи нема достава. Објективно може да се направи, но потребен е подолг период за тоа, невозможно е за месец-два да се има резултат. Покрај тоа, производството би било скапо, а тешко би се обезбедил и пласман – вели Јован Сотиров, електроинженер.

Реално, Македонија може да произведе респиратор, но во услови кога е важна брзината, тоа е тешко остварливо и неисплатливо, така што единственото решение е континуирано инвестирање во здравствениот систем, за тој да одговори на сите предизвици во иднина.


Колку се неопходни апаратите за дишење

Инфектологот и поранешен директор на Инфективната клиника во Скопје, доктор Вело Марковски смета дека на земјава не ѝ се потребни дополнителни апарати за дишење.
– Респираторите во Македонија се доволни. Анализите од Кина покажаа дека тие што не биле на респиратор, со исти параметри, завршиле подобро. Зошто? Респираторот е машина што само ќе дише наместо пациентот. Тоа е во ред кога се прави хируршка интервенција, кога пациентот е во кома, кога има некакви повреди на центарот, меѓутоа белите дробови се здрави. Сега имаме спротивна ситуација.

Пациентот дише, меѓутоа алвеолите не се здрави. Основната функција на белите дробови е размена на гасови, обезбедување кислород за крвта и уште една многу важна функција е пуферската функција за одржување нормална Пх на крвта. Сега, кога имаме пациент со ваква масивна билатерална пневмонија, тој дише. Вие кога ќе го ставите на респиратор, тој нема да дише повеќе, туку дише толку колку што организмот предвидел и колку што треба. Нема потреба од толку респиратори – категоричен е Марковски.